|
|
 |
|
|
|
|
|
|
|
|
|
Секоја куќа во градот Скопје, славела своја слава или именден.
Славата била наследувана од родителите на машките деца.
Славата во градските куќи, особено во оние побогатите, била славена
многу богато. Гостите со пајтони оделе на визита во оние куќи кои ја
славеле таа слава. Се посетувале сите куќи по ред. Визитата траела
многу кратко, бидејќи постојано доаѓале нови гости. Се послужувало
во специјални садови за тој ден, златни и сребрени есцајзи,
кристални чаши, сервиси од германски или англиски порцелан и др. Во
сиромашните куќи на гостите им се давала крпа со која тие по ред си
ги бришеле рацете.
Бадник бил прославуван и на плоштадот, каде што се собирале многу
луѓе, се палел голем оган од дабово дрво и од голем котел се пиела
варена ракија. На плоштадот сите доаѓале со пајтони, а потоа се
шетале низ градот. Пред поворката со пајтони оделе коњаници
предводени од офицер со знаме. На Бадник сите православни меселе
погача со паричка, посна сарма, грав, риба. Некои правеле баклава со
паричка на Василица.
Нова година била прославувана во Офицерскиот дом каде што
традиционално, во свечената сала била приредувана претстава. На
бината излегувала старица потпрена на стап која точно во 12 часот си
заминувала, а на нејзино место доаѓала млада убава девојка, која ја
симболизирала Новата година. На пречекот свирел воен оркестар, имало
богата лотарија, а премија била печено прасе и голема торта. Во
Офицерскиот дом била славена и Стара нова година, кога се служеле
крофни, а во една од нив имало златна пара. Тој што ќе ја погодел
крофната, се верувало дека следната година ќе има многу среќа.

41.1 Малите коледарчиња, Владимир Цветанов, МГС инв. бр. 4571
На Прочка, Божиќ и Велигден со ќурек се одело во посета кај кумот и
родителите. Ќурек е специјален леб направен од маја од наут. На
Велигден, во средината на лебот се ставало јајце, а на Божиќ јаболка
или портокал. Вечерта на Бадник масата била полна со посни јадења и
овошје, костени, смокви, суво грозје и свекорот фрлајќи ги
оревчињата извикувал: “Колку оревчиња, толку внучиња”.
На Божиќ сите заедно седнувале на софрата да се почестат. Јадењето
било обилно и на масата се ставало многу овошје - “емиш” (ореви,
бадеми, круши, јаболки, костени и сл.) На Прочка се простувале
помладите со постарите. Оние кои сакале да се простат доаѓале во
куќата со “ќурек”. На Прочка си простувале и оние кои во текот на
годината се замериле. За таа прилика се правела раванија и кадаиф и
се изведувал обичајот “амкање на јајце” кое се врзувало на конец, па
се закачувало на ламбата, прво се подавало на најголемиот син, па на
сите деца по ред. Потоа конецот го палел најстариот син, со верување
дека колку пламенот повеќе се разгорува толку ќе биде поголема
среќата во куќата.
На Велигден во секоја куќа се вапцувале јајца со варѕило. Во црква
се одело во петок навечер и во сабота кога останувале цела ноќ и
држеле свеќа во рака цела ноќ ,а потоа свеќата ја носеле дома каде
со неа го палеле кандилото.
На Ѓурѓовден оделе на “уранак” ( излет) во Кисела Вода каде се
береле гранки од врби и тополи со кои се кителе вратите на куќите.
Ефтим Гашев се сеќава дека Циганите оделе на излет во паркот
Ислахане.
На верските празници се посетувале манастирите во околината на
Скопје. Врбица бил српски празник на кој се организирало училишно
дефиле на децата со цвеќиња и ѕвончиња. Се прославувал и празникот
Видовден кога се истакнувале српските национални белези. Побогатите
граѓани биле домаќини на школската слава Свети Сава. Таа била
прославувана во Офицерскиот дом. Во Скопје се славеле слави и
имендени. Славата како патронен празник на куќата се славела за
доброто и среќата во куќата. Македонците многу ги славеле
имендените.
На Ѓурѓовден, вечерта, се врзувале цвеќиња со црвено-бели кончиња,
тревки и парички, а утредента се миеле со водата од цвеќињата во
која имало и црвено јајце за здравје.
Вечерта пред Ѓурѓовден, набраните цвеќиња се ставале во вода и со
нив ги бањале децата. На Ѓурѓовден се одело на излет во Криви Дол
каде што имало мало црквиче. На овој празник се колело јагне. Се
правело шкето со магдонос и елбасан тава - печено јагнешко месо
прелиено со млеко и јајца.
Во минатото, Нова година се славела дома, а подоцна почнале да се
организираат пречеци во кафеани како на пример во “Бристол”,
“Метропол”, “Балкан” и др. каде што се плаќале консумации.
Борислав Градишки памети дека постоел култ кон змиите во одреден
ден, кога кај “Синџирли теќе” девојките ја постилале својата облека
за змиите да поминат преку неа со цел да се излечат болните, а
немажените да се омажат. Интересен е ритуалот за повикување дожд во
Скопје. Кога подолго време не врнело дожд, Циганките се кителе со
цвеќе и оделе по улиците, а по нив фрлале вода.
Домашната слава “Св. Никола” почнувала со кршење на колач од страна
на кумот. Маалскиот кум од црквата “Цар Константин и Царица Елена”
ја осветувал куќата, дворот, добитокот и др.
Во семејството Цветанови фамилијарен празник кој се викал служба или
пресвета бил Митровден. На тој ден се одело во црква со пченица и со
проскура и попот “кревал поскура”. Од црква поскурникот и пченицата
се носеле дома, а најблиските од фамилијата им доаѓале на вечера. Со
доаѓањето на Србите на власт се импортирал обичајот да се прави
колач и да се пали голема свеќа, а пресветата се викала слава. Тогаш
на слава доаѓале многу гости, а наредниот ден на визита, кога се
послужувало со пијалак и ситни колачи. Српската власт многу се
грижела славата да биде прославувана на начин како што ја славеле
Србите.
Цветанови поголемо внимание посветувале на именденот на Стефан,
сопругот на Ганка. Затоа на Св. Стефан го чистеле дворот и куќата,
сé да биде во најдобар ред затоа што сите попови од црквата Св.
Богородица им доаѓале на визита. Тогаш жените во куќата приготвувале
две пјати со два вида слатко (најубавите тегли со слатко ги чувале
уште од летото за овој ден), пјатите ги покривале, а на
послужавникот ставале чаши и една специјална чаша за лажичињата. Се
викале две девојчиња од соседите или роднините кои служеле. На друга
табла за послужување имало пијалаци, а се служеле и колачиња.
Гостите останувале многу кратко, по 15-20 минути, а кога доаѓале
нови гости, тие што биле претходно дојдени, веднаш станувале да
направат место за новодојдените.
Семејството Велкови ја славело Пресвета, светец Свети Горѓи.На овој
празник во црква давале пресвета и палеле свеќи. На слава, на визита
се одело со пајтон, а доаѓале и до 150 гости, но сите се задржувале
само по 5-10 мин.

41.2 Ивон, сопруга на Томе Петров, со својата ќерка Лилијан во
облека “а ла турка” на Прочка, МГС инв. бр. 4690

41.3 Семејството Трпчановски во облека “а ла турка” на Прочка во
1929 год., МГС инв. бр. 4613

41.4 Од семејството на Сунчица Николовска Чучук Петрова, деца
сликани во детска облека за Прочка во 1928 год., МГС инв. бр. 3424
Во куќата на Попанкови се славел именден, а го прославувале името на
Благоја, главата на семејството. Пред денот на именденот, куќата
темелно се чистела, а потоа се подготвувале ситни колачи. На денот
на прославата се земала девојка за послужување на гостите која им ја
препорачувале пријателите.
Семејството ја славело славата Свети Никола, многу свечено. Наутро
доаѓал хорот “Вардар”, потоа поп да го пресече славскиот колач, а
попладнето доаѓале гости на визита кои биле послужувани со жито и со
разновидни ситни колачи.
На семејството Божиновски, домашна слава им била Свети Никола. За
славата во куќата се правеле многу подготовки, сé се чистело
генерално, дури ги чистеле и месинганите карнишли со паста Сидол, се
переле завесите, се менувале теписите, а чистеле слуги и чираци на
таткото. За славата биле правени 4-5 видови колачи , во разновидна
форма, печурки со бадеми и ореви, чоколадни капачиња и бели фондан
точки. Гостите ги послужувале со жито кое се варело цела ноќ, а
потоа се сушело на бел чаршав, се мелело, се мешало со ореви, му се
додавало морско оревче и се посипувало со прав шеќер. Се правел и
славски колач од надојдено тесто над кое се ставало нестасано тесто
на кое со поскурник се втиснувале различни форми.

41.5 Литија за Водици во Скопје кај Бурмали џамија пред да се
изгради Офицерскиот дом, МГС инв. бр. 4795

41.6 Деца од фамилијата Анастасови, со врбови гранки и ѕвончиња на
празникот Врбица
|