|
Во периодот меѓу двете
светски војни семејствата биле строго патријархални и побожни.
Најчесто се живеело во семејна задруга, неколку генерации заедно.
Но, голем дел од младите брачни двојки се одвојувале од семејната
задруга. Инокосното семејство - мајка, татко и деца, задоволувало
одредени функции.
Биолошко-репродуктивната функција била важна за секое семејство.
Секое семејство требало да обезбеди потомство. Бројот на децата во
семејството се движел најчесто од 3 до 5 деца.

40.1 Фамилијата на
Теохар Икономов со сопругата Розина, Италијанка и нивните деца, МГС
инв. бр. 4500
Економската функција на
семејството било многу важна. Таткото бил тој кој требало да
обезбеди егзистенција на своето семејство. Но, во овој период сé
почесто било и вработувањето на мајката која сé повеќе навлегувала
во општествено-економскиот живот. Децата, по школувањето, веднаш
почнувале да заработуваат.
Општествената улога на
семејството се согледувала во правилното воспитување на децата.
Главна улога во воспитувањето имала мајката, но активно бил вклучен
и таткото. Во побогатите куќи за воспитување на децата се грижеле
гувернанти. Освен што ги чувале и воспитувале децата, тие ги учеле и
јазици или пак свирење на некој музички инструмент.
Во големите семејства
возрасните јаделе одделно од децата. Мажот бил глава на семејството.
Неговиот збор одлучувал. Во семејните работи и крупни одлуки
учествувала и жената.
Обредната функција во
рамките на семејството се однесувала на славењето на слави, служби,
крштевки, циклус божиќни обичаи со култ на предок, годишни празници,
семејна слава која подоцна преминала во именден итн. На славите и на
Божиќ се собирало целото семејство, а таткото ги извршувал свечените
обреди - изговарал благослови, кршел леб. И на погребите и помените
било присутно целото семејство. Постите исто така биле задолжителни
за целото семејство.
Таткото бил глава на
семејството. Неговиот збор претставувал нешто свето и секоја негова
наредба се исполнувала без збор. Мајката често се советувала со
таткото, а кога некое од децата не слушало или направило некоја
пакост, таткото бил тој кој го казнувал во согласност со мајката.
Во зависност од
грешките на децата, таткото ги казнувал со бастун “послушко”, со кој
ги удирал наколкупати по задникот. За помали грешки децата добивале
и шлаканици или тегнење на уши што било проследено со прашањето:
“ Ако ти е арно прави пак”.
Церемонијата се
завршувала со тоа што виновникот ќе се обрател до родителите со
зборовите: “Тате, мамо, простете ми, друг пат тоа нема да го
направам” и со бакнување на раката на таткото. Притоа мајката
секогаш го бакнувала детето и велела: “Тоа веќе да не го правиш”.
Со ваквите казни биле постигнувани резултати, а воедно се создавал и
поголем авторитет на родителите.
Главен збор во куќата
на Цветанови имал секако најстариот- Коце Цветанов. Кога се јадело,
секој од семејството си имал свое место на масата: свекорот и
свекрвата на челни места, од едната страна Ганка и Стефан , а од
другата децата. Пред секое јадење свекорот читал молитва, се
прекрстувал и сите чекале прво тој да почне да јаде, па потоа
другите.
Коце бил побожен човек
и освен пред јадење се крстел и по миење наутро, на излегување од
дома и навечер пред спиење.
Сопругата на Коце
секој ден го испраќала својот маж до врата кога тој одел на работа,
така што го пуштала него напред и го следела до вратата посакувајќи
му успешен работен ден.
Животот во семејството
Калајџиеви се одвивал по одреден редослед. Секој ден, освен во
недела, мажите оделе на работа и се враќале доцна навечер. Жените
се грижеле за децата и работата околу куќата, за што им помагале и
девојки кои живееле со нив. За храната се грижеле жените, а ручекот
на нивните сопрузи им го носеле во дуќанот. Воспитувањето на децата
се темелело врз патријархални односи, почитување и помагање на
другите луѓе. Материјалната состојба на семејството овозможувала
убав и богат живот. Во одредени денови во куќата со пајтон биле
носени прехранбени производи и тоа за двете јатрви подеднакво.
Секоја недела жените
оделе во црквата Света Богородица, а неделниот ручек бил во одредено
време кога се собирало целото семејство. По ручекот, децата
добивале пари за кино. Неделното попладне се користело за прошетки
покрај Вардар или во кафеаната Маргер.
Семејството Чохаџиќ
живеело во заедница - бабата, дедото, мајката, таткото и трите деца.
Во семејството владеела хармонична атмосфера За воспитување на
децата се грижела мајката Жермен, а зборот на Рашела која внуците ја
викале Меме, се почитувал. Во нивната куќа се зборувало француски.
Во семејството Бајрам
владеела атмосфера на разбирање и почит. Родителите живееле во љубов
и разбирање, а Ферид Бајрам на својата сопруга често и приредувал
пријатни изненадувања. Незахет се сеќава на една пријатна случка за
празникот Рамазан. Таткото Бајрам подготвил свечена вечера и ја
поставил во трпезаријата. На својата сопруга и рекол да се дотера,
бидејќи ќе одат на вечера во ресторан. Кога Накија била готова,
Бајрам ја однел во трпезаријата и ја поканил на рамазанска вечера.
|