Спортскиот
живот во градот |
Уште во првите децении
по ослободувањето на Скопје од турското владеење, физичката култура
и спортот во Скопје започнале масовно да навлегуваат во
секојдневниот живот преку рекреација и активен одмор. Физичката
култура и спортот непосредно се врзувале со другите општествено-
политички дејности и се вклучувале во целокупниот живот на
заедницата.
Физичката култура
добила масовен карактер. Спортската рекреација била насочена кон
широко ангажирање на сите категории на жители. Спортот, како
специфично подрачје на физичка култура, на многу млади и надарени
поединци им овозможувал да постигнат вредни резултати и рекорди.
Со вложувањата во
физичката култура се придонело да се изградат низа објекти и терени
во градот кои претставувале солидна основа за одвивање на спортските
активности.
Никулците на првите
спортски натпревари во Скопје се јавуваат во почетокот на минатиот
век. По Првата светска војна во Скопје се обновува соколарството. Во
1923 година градот станува седиште на соколската жупа “Кралевиќ
Марко”, а во наредната година започнала изградба на соколарскиот дом
или Соколана. Во ова друштво имало 370 членови, од кои 75 биле жени,
а имало и секција за деца.
Во 1927 година
Соколарската жупа прераснала од седиште во Скопје во центар на
соколарството на Јужна Србија. Во 1928 година бројот на
членовите и активностите на жупата битно се зголемиле. Активноста
на жупата особено дошла до израз на жупанскиот слет одржан на
Духовден во 1933 година. Покрај 41 друштво на соколари по градовите,
во жупата имало и 72 постојани и 34 привремени чети, а вкупниот број
на соколарите изнесувал 17.000 членови. Дејноста на соколарите била
насочена кон развој на телесното воспитување и културно образование
на населението.

36.1. VI покраински
слет во Скопје 1928 год., МГС

36.2. Ачим Поповиќ,
старешина на соколското друштво “Матица” со сопругата, МГС инв. бр.
4482

36.3. Подготовки за
соколскиот слет во Скопје во 1930 год., МГС инв. бр. 4492
Во периодот меѓу двете
светски војни почнал да се развива и скаутизам. По 1921 година
Скопската жупа имала 9 стегови со околу 500 членови. Во редовите на
скаутите членувале и занаетчии и работници.
Жупата се занимавала со
организација на телесно, здравствено, морално, национално и
практично воспитување на младите.

36.4. Гимнастичар на
вратило, МГС
Друштвото на скаутите,
т.н. Горани, било основано на 21 мај 1922 година, а негов основач и
прв старешина бил учителот Данило Трифунац.
Во 1923 година во
Скопје бил основан првиот ракометен клуб “Хозена” за жени. Основач
бил Стеван Д. Трифунац, по занимање правник.
“Футболот” во Скопје
бил особено интересен. Во 1927 година бил основан Скопски “лоптачки”
потсојуз. По десет години, напорите на овој потсојуз дале резултати.
Во 1937 година бројот на фудбалските клубови пораснал на 55 со над
2.500 членови. Биле одиграни три потсојузни, седум градски, четири
интернационални, 236 првенствени и 78 пријателски натпревари.
По Првата светска војна
никнале многубројни фудбалски клубови, како “Македонија”, “Напредок”,
“Синѓелиќ” (1919), “Вардар” и “Југ” (1920), “ССК”, “Победа” и
“Балкан” (1921), “Граѓански” ( 1922), “Спарта” (1924), “Славија”
(1925), “Графичар” (1926), “Слога” (1927), “Рапид”, “Мачва” и “Црна
Гора” (1930), “Олимпија” и “Хајдук” ( 1932), “Раднички” (1937),
“Душан Силни” (1937).
Во 1938-39 година СК
“Граѓански” бил на 10 место во првата лига. Тренер бил Иљеш Шпиц.

36.5. Скопскиот
фудбалски клуб “Вардар” во 1927 год. во Топаана, на фотографијата
стои Борис Станковски, вториот од десно кон лево, МГС

36.6. Фудбалски клуб “Победа”,
МГС

36.7. Д-р Коста Чохаџиќ
доделува награда на фудбалскиот клуб “Победа”, МГС

36.8. СК “Југ” во 1934
на натпревар со сараевска “Славија”, МГС
Во 1925 година во
Скопје бил основан Коњанички клуб и Аероклуб “Наши крила”.

36.9. Аеромитинг во
Скопје, МГС инв. бр. 2235
Спортското
воздухопловство, т.е. моторното пилотирање, моделарство,
едриличарство и падобранство имало свои традиции. Основачи на клубот
биле мајорот Драгутин Мишиќ, резервен поручник, пилот-инженерот
Јерко Новак, капетанот Мате Лубарда, авиоинженерот Драгиша Адамовиќ,
Фердо Градишки, инженерот Миодраг Стојановиќ, Јован Поповиќ, Драги
Вукомановиќ и други. Големиот жупан на Скопје, Антонио Вилдовиќ, во
1925 година, како вљубеник во воздухопловството и прв човек на
власта, купил еден француски авион “Каљдран”, прв цивилен (спортски)
авион во Кралството Југославија. Прв пилот бил М. Јарошенко. Есента
1926 година бил одржан првиот аеромитинг со учество на воени авиони
и пригодна програма. Митингот бил одржан на падините на Зајчев Рид
во присутство на илјадници гледачи. Оттогаш, секоја година се
одржувале аеромитинзи не само на Зајчев Рид, туку и на стариот
аеродром. Посебна атракција било гостувањето на познатиот
авиоакробат од Белград Миодраг-Мија Алексиќ кој изведувал акробации
на спуштено јаже од авион, а тој се држел со забите, висејќи. Во 1928 година, поради оштетување, моторот на авионот бил испратен
на поправка во Нови Сад и работата стагнирала. На 15 јануари 1933
година резервните авијатичари Орестија Крстиќ, Јован Шрепловиќ и
Владимир Виљковиќ ја презеле работата во свои раце. Таа година
поминала во пропаганда за собирање на средства за набавка на авион.
За време на аеромитинзите во Скопје се одржувале предавања. Во 1934
година на Одборот му бил подарен авион “Физир”, на кој кумата,
госпоѓа Лазара Галиќ, му го дала името “Косово”. Ваквите услови
довеле до популаризација на воздухопловството и ширење на дејноста
на Аероклубот како и зголемување на бројот на неговите членови.
Во Скопје во развој
биле и други спортови како на пример тенисот. Друштвото на
пријателите на Франција во Скопје во 1920 год. формирало тениска
секција, а нејзин прв претседател бил д-р Коста Чохаџиќ. Тој бил и
еден од основачите на фудбалскиот клуб “Југ”, а активно се занимавал
и со планинарство.

36.10. Тенискиот клуб
“Југ”, МГС инв. бр. 4472
Еден од првите
планинари во Македонија бил Трајко Рибарев од познатата трговска
фамилија Рибареви. Иако прележал детска парализа, тој со своите
другари пајкомаалци, Ванчо и Панче Дрангов, го освоиле врвот на
Водно во 1923 година. Трајко го засадил и пресадил познатиот чинар
на Средно Водно. Тој е прв Македонец кој се искачил на Триглав. Во
1925 год. го освоил и Љуботен, а потоа Кораб во 1933-34 год.

36.11. Трајко Рибарев
со велосипед, МГС инв. бр. 4664
Во скопскиот фудбалски
клуб “Вардар”, “Шупче” играл од 1924 до 1931 година. Борис уште од
рано детство не се делел од топката, кога играл со “партал-топка”.
Во 1930 година Борис
требал да служи војска, но бидејќи бил еден од поуспешните
фудбалери, останал да служи војска во градот Скопје. За тоа се
заложил фудбалскиот клуб “Вардар”. Поради тешката положба во
семејството, воената служба му била скратена на девет месеци.
Играјќи во клубот “Вардар”, “Шупче” како еден од најдобрите
фудбалери, добил понуда од спортскиот клуб “Славија”. Во тој период
се одржувале фудбалски натпревари помеѓу маалата. Клубот “Славија”
бил формиран од трите спортски клубови “Југ”, “Победа” и “Славија”,
а настапувале под името Железнички клуб “Славија” ЖКС. Поголем
број фудбалери од овој клуб биле вработени во скопската Железница.
Од 1931 година па сé до 1936, со една година паузирање, “Шупче”
играл за овој спортски клуб. Борис Станковски “Шупче” бил вработен
во Офицерскиот дом како хаус-мајстор, поради што имал проблеми со
тренинзите. Поради тоа, тој бил префрлен на работа во Железницата.
Освен Борис, во скопската Железница била вработена и мајка му, а
потоа и неговите помали браќа. Еден од браќата, Антон, работел како
ковач за поправка на локомотивите во Ложилницата во Ѓорче Петров.
Вториот брат Владо работел како главен магационер, а третиот брат
Трајко бил бравар во Ложилницата. Во 1938 година, Борис станал
машиновозач на скопските локомотиви.
Член на Управата на
клубот бил доктор Чохаџиќ. Тој водел грижа за дресовите на
фудбалерите кои се купувале или се шиеле по порачка. Дресовите ги
одржувале фудбалерите и тие секогаш требало да бидат испрани и
испеглани. Фудбалерите биле омилени спортисти.
Во клубот “Славија”
имало и кондураџија, Димче Савиќ кој вршел поправка на спортските
обувки на сметка на клубот.
Во близина на ЖКС се
наоѓал и дуќанот “Велосипедист” каде што се поправале
велосипедите на фудбалерите, а газдата бил член на Управата на
клубот.
“Шупче” во екипата
играл десно крило. Во еден од натпреварите на “Вардар” со
“Граѓански” во 1922 година Борис играл бос, бидејќи имал само едни
чевли и ги чувал. Тоа била причина фудбалскиот судија Мони Карио да
ја прекине играта. Тренинзите на фудбалерите на ЖКС се одржувале
на местото каде што денес се наоѓа Домот на Армијата и Градската
болница. Тренер на ЖКС бил легендарниот Унгарец, Шпиц Иљо. За време
на натпреварите, во паузите, на фудбалерите им се давале лимони, а
по завршувањето на играта, секој од играчите добивал добар оброк. За
здравјето на спортистите се грижел доктор Чохаџиќ, а имале и
специјален масер.
|