Црквите и црковниот живот |
Во периодот меѓу двете
светски војни во Скопје постоеле неколку цркви. цркви На левата
страна на реката Вардар имало три стари православни цркви и една
новоизградена на десната страна на градот.
Црквата “Света
Богородица” била најголема и најимпозантна црква во градот. Црквата
се наоѓала во најголемото маало, Пајко маало. Според Миленко
Филиповиќ, црквата била изградена во 1835 година, а работата ја
започнал уште во 1809 година зографот Дамјан.
Типот на цркви на кои
припаѓала црквата “Света Богородица” не бил многу редок, иако таа
била градена според најстарите базилични цркви во Солун, Цариград и
на приморјето.
Хаџи Трајко бил првиот
ктитор на црквата, а како спомагатели на црквата се споменуваат
познатите скопски трговци: Јован Шишко кој подарил куќа и плац за
изградба на храмот, потоа Трпе Патишкалија кој за таа цел подарил
два дуќана, Петре Зелениковски подарил еден дуќан и меана и др.
Црквата била градена од
делкан камен од скопската околина. Од надворешната страна била
скромна, просечен базиличен тип со три брода, а западниот дел бил
проширен со трем.
Иако надворешноста на
храмот била скромна, внатрешноста била складна и убава со богат
иконостас од мермер и ореово дрво со длабока резба на Светите Двери
и богат архиерејски стол.
Со материјалните средства
на црквата “Света Богородица” и на добродетели од градот биле
изградени две цркви “ќерки” , а тоа биле црквите “Свети Ѓорги” и
црквата “Цар Константин и Царица Јелена”.
Во Соборната црква “Света
Богородица” редовно се одржувала богослужба и црквата била
најпосетена и најбогата. Реони на црквата “Света Богородица” биле
првиот дел на Ново маало, првиот дел на Маџир маало, Карадаг маало и
Пајко маало.
За време на Втората
светска војна, црквата била запалена од страна на бугарските
окупатори и не биле најдени остатоци од богатиот црковен
инвентар-иконостасот, олтарот и др.
До Соборната црква “Света
Богородица”, се наоѓала запуштена црква, “Света Мина” која била
изградена во 1902 година под влијание на грчката (односно влашката)
и српската пропаганда и која за време на Првата светска војна била
претворена во коњска штала. На идеја на Митрополитот скопски Јосиф
и директорот на банката “Вардар”, Милан Јовановиќ-Стојмировиќ, биле
урнати двете кули на црквата. Во 1935 год. била обновена и
претворена во Црковен музеј на Скопската Епархија. Имала 250 м2 корисна површина и во неа требало да се чуваат икони, фрески и
друго.
Црквата “Света Мина” настрадала во земјотресот во 1963 година.

31.1. Црквата “Св.
Богородица”, МГС вл.бр. 9490
Во близината на Камениот
мост, на левата страна на реката Вардар, во Еврејското маало се
наоѓала црквата “Свети Димитрија”. Црквата е многу стара. Во 1690
год. била напуштена, а од 1886 до 1894 година црквата била обновена
и проширена. Црквата била изградена во форма на кораб. За време на
поправките кои биле изведени на црквата бил уништен и стариот
живопис и сите важни записи за црквата. Според пишани податоци се
знае дека црквата постоела уште во средниот век, во некои периоди
била катедрала и дека во неа била сместена Скопската Митрополија и
Митрополијата на Пеќката Патријаршија. Во дворот на оваа црква сé до 1878 година постоеле и гробишта. Во
периодот меѓу двете светски војни постоеле надгробни плочи и
остатоци на некогашен гроб. Реони на црквата “Свети Димитрија” биле
Дебар маало, Железничка колонија,Тахталиџе и градскиот реон.

31.2. Црквата “Св.
Димитрија”, МГС инв. бр. 2124
Црквата “Свети Спас” се
наоѓала на долниот крај на скопското пазариште. Во пораниот период
таа се наоѓала во реонот на тврдината. Оваа црква е најстара во
Скопје, а градењето на црквата било во врска со градењето на црквата
“Света Петка” во нејзина близина која била претворена во џамија.
Црквата “Свети Спас”
горела во 1688 или 1780 година, а сегашната зграда била подигната во
17 или 18 век.
Црквата е мала, вкопана
во земја, без надворешен изглед, а во внатрешноста темна и
сиромашна, со прекрасен иконостас резбан на ореово дрво во цели
стебла. На иконостасот имало сцени од Новиот и Стариот завет и
автопортрети на резбарите.
31.3. Црквата “Св. Спас”,
МГС инв. бр. 2896
Црквата ја славела
својата слава Свети Спас и имала богослужби, а денес таа е
претворена во споменик на културата.
Црквата “Цар Константин и
Царица Јелена” се наоѓала во Влашкото сокаче ( во близината на
плоштадот во центарот на градот) и со материјалните средства од
добродетели била изградена и осветена во 1927 година. Оваа црква
била прва изградена црква на десната страна на градот. Реони на црквата биле вториот дел на Ново маало, гимназискиот реон и
првиот дел на станицата. Црквата настрадала во земјотресот во 1963
година.

31.3а. Црква Цар
Константин и Царица Јелена до гимназијата, МГС вл .бр 13446
Црквата “Св. Ѓорѓи” се
наоѓала во Чаир, била изградена со средства на црквата “Света
Богородица” и од добродетели, а била довршена и осветена во 1927
година. Реони на црквата биле Чаир и Топаана.
Црквата “Света Петка” во
Црниче била осветена во 1923 година. Постариот син Костаки од
семејството Кранго, бил аџија и еден од донаторите при градењето на
црквата “Света Петка”. Реони
на црквата биле вториот реон на станицата и Тахталиџе.
Во Капиштец на Водно се
наоѓала капелата “Свети Јован”. Капелата била мала, богата со икони,
а во неа имало чираци кои палеле свеќи. Во капелата имало извор со
вода, се вршела богослужба, а молитви читале ако имало посетители.
Капелата “Свети Ѓорѓи” во
Кисела Вода, најмногу била посетена за време на Ѓурѓовден.
Во Скопје, меѓу двете
војни била изградена и црква-храм, “Свети Архистратип Михаил- Храм
Славе”, на војничките гробишта на Гази Баба, која била осветена во
1928 година. Оваа црква-храм била костурница на загинатите војници
во Првата светска војна и во овој храм на секој празник и во недела
се вршела литургија. За редот и хигиената во храмот воделе грижа
служители и воен протојереј.
Во сите овие цркви се
вршела богослужба и литургии.

31.4. Цр. Храм Славе-Св.
Арханѓел, МГС вл. бр. 8499
|