Излетнички места на скопјани |
Скопската околина секогаш
го привлекувала вниманието на скопјани, а особено нејзините
манастири и цркви. Околните места со градот биле поврзани со лоши
патишта, на пр. до Нерези, Матка, Скопска Црна Гора, Марков манастир
на Маркова Река итн. Поради ваквата состојба на лоши патишта, во
1931 година биле уредени патиштата од Скопје до селата Бразда,
Мирковци, Кучевиште, Љубанци, Раштак и Булачани.
До овие места најчесто се
патувало пеш, со автомобил, пајтон, чеза, шпедитерски коли или
поретко со велосипед. Многу често, за време на викенд, скопјани се
одморале на падините на Водно, најмногу во селото Горно Водно кое се
нарекувало “Крстивар” со надморска висина од 1080 м. Од ова село се
пружал поглед на венецот Шара, на Пореч, на Јакупица итн. Градот Скопје има средноевропска клима со жешки лета. Парковите и
зеленилата кои до некаде ги ублажувале тропските горештини, не биле
доволни. Отсуството на канализација и водовод ја влошувале
здравствената состојба на граѓаните за време на летните жештини.
Причина за ваквата
состојба била и неизвршената асанација на мочуриштата на Скопското
Поле, Блатијата, каде што се множеле маларични комарци.
Меѓутоа, во непосредна
близина на Скопје немало излетнички места до кои можело да се дојде
брзо и лесно. Планината Водно не била доволно посетувана поради
отсуство на патишта.
Излетничките места на
скопјани во 1933 година биле насочени во два правци. На северната
страна тоа биле манастирите и селата на Скопска Црна Гора, како
Бањани, Чучер, Св. Никита, Љубанци, Побожје и други, а од
северозападната страна Матка и кањонот на реката Треска. И двете
излетишта од градот биле оддалечени повеќе од 20 км. Поради ова,
најпосетувани биле излетничките места во Кисела Вода, Тасино Чешмиче,
Нерези, Св. Пантелејмон, Катлановска Бања, Водно итн.
Владимир Саздов со своите другари, секоја година на “чист
понеделник” одел на излет на Тасино Чешмиче. Друштвото секоја година
традиционално си организирало пијанка, и оној кој ќе испиел најмногу
бил прогласуван за водач на друштвото. Нему му обесувале венец од
кромид и пиперки околу вратот, го качувале на шпедитерска кола и го
враќале назад. Саздов памети дека оделе на излети и на Ѓурѓовден во
Долни Св. Илија и во манастирот Св. Ѓорѓија во Кисела Вода.
“Тасино Чешмиче” претставувало убава зелена површина со повеќе
листопадни дрвја во под чии крошни и младите и старите скопјани
наоѓале место за одмор и забава, а од планината Водно, во убаво
ѕидано корито, од една чучурка течела убава студена вода.
Старите ја пиеле да им се врати силата, а младите за да í се
радуваат на младоста и љубовта од Ѓурѓовден до Ѓурѓовден.
Во
19 век Марко Чакар го викнал мајсторот Рафе и му се обратил со
овие зборови: “Ете, мајстор Рафе, од овој извор сакам да
направиш чешма, целата вода да тече низ еден чучур. Сакам добро
да ја направиш, колку ти чини ќе ти платам, не сакам да се
пазарувам.”
Во тој период во
Скопје, чорбаџи Чакар бил познат трговец и имал два сина.
Двајцата биле учени , но трговијата не им лежела. Поради тоа,
таткото го вработил Марко - чесно, работливо, бистро и
сиромашно дете, да му помага во работата. По многу години
чесна работа и по смртта на чорбаџи Чакар, Марко ја презел
работата и го задржал името Чакар.
Петре, еден од синовите на чорбаџи Чакар, имал многу убава
ќерка, надалеку позната, која се викала Таска. Мнозина сакале да
се оженат со неа, како православни така и Турци. Таткото ги
одбивал бидејќи ќерката била уште млада. Еден од нив што сакал
да ја земе Таска за жена бил и Марко Чакар. Тој, еден ден, на
Петре, таткото на Таска, му се обратил со зборовите:” Нашите
семејства се блиски, речиси како една куќа, твојата ќерка Таска
многу ми е мила и сакам да ми стане жена”. Но, поради одмазда,
Турците ја убиле Таска на 18-годишна возраст.
Марко Чакар чешмата ја посветил на својата љубов: “Таске, кутра
мила Таске, место да ти подарам свадбен подарок, ја подигнувам
оваа чешма да си спомнуваат за тебе, за твојата цветна младост,
за твоето благородно и возвишено срце, за твојата неизмерна
чесност за која го загуби и животот. Кога луѓето, младите моми и
момчиња како што беше и ти, ќе пијат и ќе се освежуваат со
ладната вода, нека си спомнуваат на тебе. Дрвото кое денеска го
засадувам, неговите гранки нека им служат на луѓето за починка.
Нека птичките, застанати на гранките и гранчињата им раскажуваат
за тебе, за твојата младост и убавина, за твојата смиреност и
невиност, за твојата возвишена душа и за извршеното злосторство.
Господе, од срце ти се молам благослови го нејзиниот дух да биде
во вечни рајски блаженства, Таска тоа го заслужува.” И од тогаш
ова место го носи името Тасино Чешмиче.(Расказ на Борис Стојанов
Ч'кров, 1995 год.)
|