Најголемиот дел од
детството малите скопјанчиња го поминувале во детски игри. Имало
многу игри од кои најголем број биле групни и се изведувале со
примитивни реквизити кои можеле лесно да се направат. Пандора
Шатлова памети дека во нејзиното маало (Ново маало) децата си
играле прво-второ(игра со плочка), купче ораси, скокале на јаже и
др.
Борис Маневски (1913
год.) и Драгица Крстева (1916 год.), жители на Маџир маало кажуваат
дека децата играле со џамлии, стапови, кукли направени од партали,
како и топки за машките деца. Топките-крпеници, подоцна биле заменети со гумени топки купени во
продавницата “Бата”. Со џамлии се играло на “мор” или “шлајка”.
Џамлиите се ставале на аглите на мал нацртан триаголник и една се
ставала во средина. Од овој триаголник на неколку метри оддалеченост
се цртало линија на земјата. Од “морот” џамлиите се фрлале кон
линијата и чие стаклено топченце било поблиску до линијата, тој прв
фрлал кон “морот”. Топчето со кое се гаѓало се викало “картал” ако е
големо и “џинка” ако е мало.
Со џамлиите “мавачки” се
гаѓало “француски” кога топчето е во прстите во вид на “шипак” и на
“српски” кога показалецот се наоѓал во средниот прст во хоризонтална
положба на земјата. Се употребувале и термините “сујка” што значело
дека џамлијата се задржала на некоја од катетите на триаголникот и
ова било најспорна ситуација. Терминот “ренту апси” значел дека пред
џамлијата има некоја пречка, камче, песок, дрвце и сл. Зборот “утка”
значел дека ништо не си погодил. “Контрук” било гаѓање директно во
спротивна џамлија без да се допре земјата.
Играње со семки: се ределе купчиња семки во една линија оддалечени
околу една педа. Купчињата главно биле од 4 семки. Најважно било да
се удри првото купче што се викало “баба”. Потоа, семките кои се
кршеле се киснеле цела ноќ да им излезе горчината во солена вода,
потоа се печеле и биле познати како специјалитет “еврејска спорја”.
Игра “челик” или “бинек”: реквизити за оваа игра биле подебело тврдо
дрво, долго околу половина метар и помало дрво, 15-20 цм, заострено
на врвовите. Се копало дупка и со поголемото дрво се вадело
помалото, а околу стоеле другарите кои требало да го фатат уште
додека летало во воздух.
Други игри биле: игра со сликички со тапкање, игра “нека бие, нека
бие”, “жмурки-криенки”, “фанта” со метални пари, петка-круна,
лизгање на снег, змаеви, летала-чучулиги, прачки-жили на чатал,
“камај-индијанци” и сл.
Поимотните семејства
имале можност на своите деца да им купат играчки кои се продавале
кај Евреинот Јелезер Б. Јозеф во неговиот “Бечки Базар” на ул. “Крал
Петар”. Во излогот имало играчка робот на која се менувале светлечки
реклами со следниот текст: “Немој ићи на Пазар, док не свратиш у
Базар” и “Квалитет прима француских парфима”.

27.1. Жермен, ќерката на
д-р Чохаџиќ, со својата ќерка Марија со играчка- мече, МГС инв. бр.
4475

27.2. Малата Олга
Димитрова-Стојанова со кукла, МГС инв. бр. 4445

27.3. Групна фотографија
на семејството Трпчановски со пријателите во Врњачка Бања, каде што
се гледа дете со детска играчка”обрач”, МГС инв. бр. 4625

27.4. Владимир Цветанов
со кадифени мечиња, МГС инв. бр. 4565
|