Во периодот 1918 - 1928
година, освен споменатиот сквер на улица Караѓорѓева, во градот
имало уште четири сквера - на плоштадот Крал Петар, кај Споменикот
на солунските војници, кај Железничката станица и кај Машката
гимназија. Првите три биле целосно уредени и засадени со грмушки и
цвеќиња. Скверот кај Железничката станица бил одржуван од
вработените. Скверот кај Машката гимназија, на простор од 600 м2 уште не бил дограден и неговото довршување се планирало во иднина.
Грижата за одржувањето на
парковите и скверовите била очигледна. За иднина се планирало
Градските гробишта кај Кумановскиот пат да бидат преуредени и
засадени со дрва, грмушки и цвеќиња со цел овој простор да се
претвори во голем, убав и модерен парк.
Во новиот дел на градот,
во Буњаковец и Тафталиџе, според урбанистичкиот план била предвидена
изградба на паркови и скверови кои заедно со старите скопски паркови
би претставувале бели дробови на градот.
Општинскиот одбор за
уредување на парковите и скверовите се грижел за стручниот кадар -
градинари и инженери - агрономи кои придонеле за уредување на градот
.
Во првата половина на 20
век бил забележителен напредокот во изградбата на паркови во однос
на минатото. Значителното било проширувањето на зелените површини,
високиот степен на нивното уредување, проширувањето на теренот,
поголемата застапеност на водни површини, богатството на флората и
други елементи, со што се збогатил естетскиот изглед на градот.
Секоја нова установа наоколу имала поголемо или помало паркче. Во
1923 година бил започнат, проширен, оформен и одржуван паркот на
Воената болница.
Почнувајќи од 1924 па сé
до 1928 година било оформено и паркчето во Тутунската станица.
Паркчето во близина на
Камениот мост од левата страна на Вардар, било создадено во 1924
година, а во 1928 година било продолжено помеѓу Камениот мост и
зградата на Народниот театар.
Во 1925 година Општината
набавила од Расадникот 4.000 садници со цел да се пошуми Гази Баба.
Истата година било извршено и садење на дрва на просторот околу
тврдината Кале, на кејовите на р. Вардар и во скверот на улицата
Караѓорѓева.

23.9. Скверот на ул.
“Караѓорѓева” (потоа плоштад “Слобода”, денес не постои), 1939-1940
год., МГС инв. бр. 1623
Според својот дендро
состав бил интересен и паркот во скопската Клиничка болница. Меѓу
другото, во него растело и уникатно дрво за овие простори, Вајмутов
бор. Во Клиничката болница борот бил стар околу 25 години и висок
14 метра, со дијаметар на градната височина од 34 см. Паркот на
Клиничката болница бил создаден во 1930 година, а во 1938 година тој
бил проширен и збогатен со нови видови растенија.
Поради сушната 1927
година, успехот на пошумувањето на градот Скопје бил минимален.
Создавањето на булевари,
скверови и други видови градско зеленило, како и зелените појаси во
градот и околината, излетиштата, националните паркови сето тоа
создавало нов вид градско и вонградско зеленило за масовно јавно
користење. Со урбанизацијата на градот и современото планирање,
озеленувањето претставувало задолжителен дел. Паралелно со
создавањето на парковите и дрворедите при изградбата на нови
приватни станбени згради и при уредувањето на дворните места, освен
садењето овошни дрва, се саделе и растенија со декоративен
карактер.
Новите паркови се
снабдувале со расад од расадникот кој се наоѓал кај старата дизел
електрична централа во Скопје. Расадникот бил голем, со површина од
околу 4000 м2 каде што на добро обработените површини се
одгледувале 200 корења дрвја од разни видови, но и од разновидни
шумски садници што ги 'ртеле од семе.
Во 1924 година Шумската
управа во Скопје почнала со пошумувањето на падините северно од
градот, на левиот брег на р. Вардар. Прво пошумување на ова место
извршил стариот шумарски инженер Јован Јекиќ.
Пошумувањето на околината
на Скопје било од естетски, заштитни и здравствени причини. Падините
на планината Водно биле предвидени да станат најблиското и
најчистото излетиште на граѓаните. Бил пошумен и теренот околу
војничките касарни од Скопје кон Бардовци, потоа голите и празни
простори помеѓу селата Нерези и Долно Водно, бидејќи немале
вегетација поради што ветровите оттаму ја носеле прашината во
Скопје.
Се внимавало на изборот
на дрвјата на местата каде што почвата била нестабилна. Било
одлучено за садење да се употребуваат грмушки. Притоа, се пристапило
и кон затревување на теренот, како важна противерозивна мерка.
Пошумувањето на Водно се
одвивало со специјален метод - на терасите се саделе фиданки во
редови или во триаголна форма.
Во овој период бил
остварен голем дел од плановите за зазеленување на градот Скопје.
Скопјаните за зеленилото велеле: “ На зеленилото крај
тротоарите, на зелените оази на улиците си седиме со соседите.
Сé е во мирисот на липите, на јаворите, багремите, костените.
Под дрворедите сенки и тишина. Мајка ми вели: Имало спас од
прашината! Дедо ми секогаш има право кога со дигнат прст ни
вели: “дрворедов е нешто здраво! На сите е, и не се дели! Сите
ако ги чувате, под сенки ќе пладнувате”!
|