Ветеринарите од Вардарска
Бановина во 1930 год., во Скопје организирале конференција на која
биле донесени заклучоци од кои произлегувало дека недостасуваат
ветеринари, ветеринарна заштита од добиточни болести, хигиена на
животните продукти и др. Ветеринарите издавале месечен весник за ветерина “Југословенски
ветеринарен гласник”, чие издание од 1928 год. било посветено на
Јужна Србија. Во овој весник со свои теми учествувале и ветеринари
од Скопје (д-р Јосип Јежиќ, ветеринар во Хигиенскиот завод во
Скопје, И. Шлајпах, директор на ергелата во Душановец и др.)
Во 1927 и 1928 год. во
состав на “Земаљската текстилна изложба” имало и дел за ветерина што
претставувало прва ветеринарна изложба.
Со ветеринарната служба
биле поврзани и занаети од типот на потковување на коњи, месарски
и колбасичарски занает. Потковувањето на животните го правеле
Циганите кои не биле доволно стручни и “налбанти” кои ги
потковувале воловите. Коњите се потковувале со ков како што тоа го
правеле Турците. За европскиот ков кој бил многу подобар за копитото
на коњот и одговарал на неговата механика, не биле обучени. Банската
управа испраќала ученици во Нови Сад и Сплит, каде што имало курс
за ковачи и каде што се стекнувало знаење за модерно ковање.
Месарите и колбасичарите
за својот занает полагале мајсторски испит пред ветеринар кои ги
испитувал кандидатите за анатомијата и физиологијата на животните,
ветеринарната хигиена, добиточните зарази, инфективните болести и
др.
Во градот имало неколку
ветеринари или марвени лекари: Константин Григоријев, воен
ветеринар во Дебар маало, Јосиф Јежиќ, др. ветеринар на Хигиенскиот
завод, Душан Марковиќ, обласен ветеринарен референт, Лудвиг
Плашинка, ветеринарен потполковник, Павел Перехваљскиј, воен
ветеринар, Марко Чолак, др. ветеринар на обласниот одбор, Михајло
Шулц, ветеринарен полковник и др.
|