Ветеринарниот отсек бил
формиран по 1929 год. и се состоел од еден ветеринар, двајца
ветеринари-контролори, двајца кои ја дереле кожата на животните и
еден ковач. Ветеринарниот отсек вршел надзор над прехранбените
артикли од животинско потекло, вршел ветеринарно-санитетска служба
на добиточните пазари, вршел превентива против беснило, се грижел за
здравјето и лекувањето на добитокот и др. Бројната состојба на
добитокот во градот, според Пописот од 1921 год., изнесувала 1148
грла говеда, 380 биволи, 816 коњи, 155 мазги, 190 магариња, 202
свињи, 2496 овци и 17 кози.
22.1. Пелцување на
добитокот од страна на ветеринарната служба, МГС вл. бр. 5170
Во поглед на чувањето на
добитокот и живината, градскиот реон бил поделен на два дела.
Границата на тесниот реон се протегала на десната страна на реката
Вардар, железничката пруга Скопје - Куманово, Ханриево, а на левата
страна реонот се протегал од улицата Царица Марија, западно, преку
улицата Цар Душан до Гази Баба на северната страна.
Во градот можело да се
чува крупен добиток само за влечење и тоа најмногу четири грла во
еден двор.
Во потесниот градски реон
можеле да се чуваат свињи, но само две, за домашна употреба. Крупен
и ситен добиток од кој се добивало млеко, за јавна или приватна
потрошувачка, можело да се чува само во поширокиот реон на градот.
Живината во потесниот реон на градот можела да се чува само во
кокошарници и тоа: за хотели и гостилници до 50, а за останатите до
12 парчиња. Хигиената морала да се одржува, а дворот да биде
ограден. Добитокот за колење не смеел да се чува во градскиот реон,
а добитокот во ановите можел да се чува најмногу 36 часа. Ситниот
добиток можел да се коле само во станица, со задолжителен
ветеринарен преглед. Во периодот од 1929 до 1937 год. во градот бил изграден објект каде
што се дерела кожата на животните. Овој објект почнал со работа во
1936 год., а во негов состав влегувал и просторот за закопување на
мртвите животни. Биле набавени и апарати за преглед на млекото и
јајцата. За кланицата бил набавен и апарат за стерилизација на
месото, микроскопска лабораторија, апарат за преглед на месото, а
бил воведен и водовод во сите сали за колење на добитокот.
Во правилникот за работа
на санитетско-полициската и ветеринарно- полициската контрола,
издаден во 1936 год., под контрола биле ставени животните
прехранбени производи, сите простории каде што се чувале и продавале
тие производи, садовите, средствата за превоз и др. Под заштита и
контрола на овие одделенија биле сите простории каде што се чувал
добитокот кој давал млеко, местата од каде што се земал мраз (бари,
реки), каде што се произведувал фабрички мраз, целокупниот персонал
кој приготвувал храна, сите преноќувалишта, хотели, работилници,
фабрики, анови, меани, сите места каде што престојувале гости,
како и берберските работилници. Под заштита биле и куќите со
придружните згради (клозети, бањи, дворови и др.) и сите јавни
бањи, јазови и др.
Сите граѓани кои чувале
кучиња морале да ги пријават во санитетското одделение, да
достават податоци колку кучиња чуваат, од која раса се кучињата и
причината заради која ги чува. Сите кучиња морале да се чуваат
врзани со крпа на муцката, не смееле да се внесуваат во јавни
простории, а во случај да се најде куче на улица без сопственик,
тоа било затворано. Сопственикот бил должен да го убие побеснетото
куче или мачка.

22.2. За обележување на
домашните миленичиња, на кучињата им ставале огрлици, Скопје 1920
год., МГС инв. бр. 4753

22.3. Мајката на Трајко
Рибарев со своето милениче во дворот на својата куќа во Пајко маало,
МГС инв. бр. 4664

22.4. Скопска фамилија во
двор, фотографирана со своето куче
Ветеринарно-полициските
мерки за спречување на беснило се состоеле во попишување и
обележување на сите кучиња со значка на огрлицата.
Сите кучиња морале да
бидат водени со ланци и корпа на брадата, а за убиените кучиња
водела сметка Општината.
|