Црвениот крст во Скопје
бил формиран во 1928 година по иницијатива на Проша Пешиќ, тогашен
претседател на Духовниот суд кој бил и прв претседател на Одборот на
Црвениот крст. Дејноста на скопскиот Одбор на Црвениот крст се
одвивала во две насоки - зголемување на членството и собирање на
доброволни прилози и хуманитарна помош. Во 1931 година на Божик,
Црвениот крст во Скопје им подарил облека на 197 ученици од
основните училишта, без разлика на нивната вероисповед. Во текот на
1932 година на голем број заболени и невработени лица кои биле во
тешка материјална положба, им била доделена финансиска помош.

21.21. Помошнички на
Црвениот крст кои собирале доброволен прилог (Радмила Ставриќ, втор
ред, трета од десно) во 1936-37 год., МГС инв. бр. 3764
Овој Одбор во 1928 година
имал приход од 14.702 динари,од што за материјална помош бил
издвоени 7.692 динара. По една година, приходот се зголемил на
52.131 динар, од кои за материјална помош биле издвоени 42.751
динар. Секоја година приходите на Црвениот крст растеле. Освен
финансиски средства, Црвениот крст поседувал и недвижен имот , плац
во Долно Водно, каде што била планирана изградба на детска
градинка. Земјиштето било добиено од Мика Костиќ-Бождавеле, адвокат
од Скопје. Проектот за изградба на детската градинка го изработил
Јосиф Михајловиќ, претседател на Скопската општина.
Црвениот крст со својата работа стекнал углед кај граѓаните и
државните институции. Фирмата “Бата”, преку својата филијала, на
Црвениот крст му подарила 40 чифта детски чевли.
|