Школски санитарно-хигиенски услови |
Во Скопје имало неколку
санитарно-хигиенски установи. Постоеле установи за лекување, за
хигиена и за рехабилитација. Установи за лекување биле Државната
школска поликлиника при Хигиенскиот завод за сите школи,
Општинскиот детски диспанзер, Трговската академија, Големата
Медреса и Француско-српската школа, опремени со амбуланти, каде што
учениците добивале и бесплатни лекови. Во Машката гимназија
амбулантниот лекар вршел преглед само на заболени деца на кои им се
укажувала само неопходната прва помош.
Во установите за лична
хигиена имало бањи. Хигиенскиот завод располагал со шест тушеви.
Француско-српската школа, Трговската академија, Учителската школа и
Големата Медреса имале свои бањи со тушеви. Установи за
рехабилитација биле Државниот санаториум на Пелистер, во Крушево и
кај манастирот Дечани, каде што Хигиенскиот Завод упатил 159
деца од Скопје. Летувалиштето за млади на Црвениот крст на изворот
на реката Вардар, секое лето по шест недели прифаќало по 40-50
ученици. Учителската школа организирала летување за 80-100 ученици
на Јадран. Дел од учениците од Машката гимназија одморот го
минувале на планините во скопската околина, а во 1931 година на
реката Дрина, Тара и во некои манастирски конаци.
|