Во периодот помеѓу двете
светски војни власта водела определена сметка за здравствената
состојба на децата. Во училиштата се спроведувале систематски
прегледи организирани од страната на Школската поликлиника на
Хигиенскиот завод. Резултатите од ваквите прегледи биле доста
загрижувачки. Од вкупно 3.977 ученици во основните училишта, само
42% од сите прегледани, или 1675 деца, биле здрави, а 52% или 2.302
имале определени здравствени проблеми. Од 1745 средношколци, 55%
биле болни, т.е. повеќе од половина. Според официјалните податоци на школските лекари, во основните
училишта од вкупно 3.969 прегледани деца, само 841 или 24,4% во
моментот на систематскиот преглед имале добра хигиенска состојба,
1888 или 47% биле средно чисти, а 1248 или 31,6% воопшто не
одговарале на тогашните санитарни норми, при што 898 деца или 22%
имале вошки, односно секој четврти ученик. Во средните школи, исто
така, телесната чистота на децата не била задоволителна: 24% не
одговарале на елементарните санитетски норми, а 2,8% биле заразени
од педикулаза (вошки). Во извештајот на една од школите постои
записник во кој се наведува дека во школската амбуланта имало само 6
тушеви каде што во одреден ден на неделата се туширале до 100
ученици. Голем број деца биле заразени со кожни болести.
Двете скопски гимназии и
Трговската академија имале своите амбуланти. Школските лекари во
наведените установи лекувале 61% од вкупниот број ученици.
Учителската школа имала свој лекар кој вршел систематски медицински
прегледи на учениците. Во лекарските записници, меѓу другото, било
забележено дека Учителската школа има убава местоположба, со чист
воздух, без прашина и врева и е оддалечена од сообраќајот. Зградата
била опкружена со прекрасен парк и чист школски двор кои
придонесувале за нормални хигиенски услови. Зградата располагала со
удобни и добро осветлени простории. На третиот кат се наоѓале големи
и светли соби за спиење. Храната била добра. Освен три главни
оброци, сите деца добивале ужина во 10 и 16 часот, а на
слабокрвните храната им била збогатена. Според податоците, женските
деца почесто се обраќале за лекарска помош отколку машките и тој
сооднос бил 60 : 40.
Се обрнувало внимание и
на условите во училишните згради, бидејќи неадекватните школски
згради негативно влијаеле на здравјето на децата. Токму затоа,
школската хигиена се развила како посебна наука и како таква
учествувала во планирањето и проектирањето на училиштата, како и во
опремувањето на просториите.
Секое дете требало да има
по пет квадратни метри од просторот со висина од четири метри. Тоа
биле основни прописи. Постоечките училници биле со ниски тавани,
мали прозорци и биле слабо проветрувани. Школскиот мебел не бил
соодветен на возраста и висината на учениците, а класните табли биле
неквалитетни. Лошо проветрените простории, слабата исхрана и
ниското ниво на хигиенски услови придонесувале за слабо
здравје на децата.
|