Хигиенската и здравствената култура на населението |
За подобрување на
хигиенско - здравствената култура на населението во Скопје, многу
важна улога имале дневните весници. Преку нив населението се
информирало за одредени работи.
Во дневните весници се
појавувале огласи, реклами, забелешки, покани или совети од стручни
лица или фирми. Преку нив на граѓаните им се обрнувало внимание за
одреден напиток, лек и слично. Особено важни биле соопштенијата во врска со вакцинирањето на децата
против големи сипаници, со информации кога и каде ќе се изврши
вакцинирањето. Вакцинирањето било бесплатно, а за сите промени
населението навремено се информирало. Судот на Општината на град
Скопје издавал соопштенија од типот дека вакцинирањето е продолжено
до определен рок, а дека потоа ќе биде извршена контрола по куќите.
Родителите чиишто деца не биле вакцинирани, биле казнувани (од
канцеларијата на Општинскиот суд на градот Скопје, 11 јуни 1929г.).
Вакцинирањето го вршеле и приватните лекари од кои Судот барал да
поднесат извештај ( бр.232 од 4.06.1929г.). Голем дел од мочуришните околни места биле изворишта на маларични
комарци коишто биле причинители на маларична треска со високи
температури, треска и слично. “Таму каде што има комарци и
мочуришта, на секој човек му се заканува опасност од маларија”-
известувале весниците. Во врска со тоа се рекламирал и еден
извонреден лек “киноплазмот”. Тој помагал луѓето да се заштитат од
оваа болест, бидејќи таблетите биле со големо ефективно дејство, а
биле многу евтини, со сина боја за возрасни и црвена боја за деца.
За некои многу опасни
болести весниците давале информации, известувања, репортажи и
слично. Се вршеле прегледи на населението за утврдување на болести
низ цела Вардарска Бановина. Меѓу таквите болести посебно место
заземала туберкулозата .

21.19. Група општински
лекари, МГС инв. бр. 2907

21.20. Чекална во
антитуберколозниот диспанзер, МГС вл.бр. 5153
Скопските артисти во 1931
год. биле ангажирани за снимање на филм. Содржината на снимениот
филм била дидактичка, со пропаганден карактер, без уметнички
претензии. Содржината се однесувала на борбата против
туберколозата и мерките што ги преземал Хигиенскиот завод.
Сценариото било на др. Малојчиќ од Хигиенскиот завод, снимател
бил Мијушковиќ, а главните улоги ги толкувале Мери Подхраска и
Милорад Величковиќ.
|