Во Скопје постоеле и
неколку дрогерии чиј асортиман бил разновиден: дрога, хемикалии,
парфимерија.
Медицинската дрогерија на
Владимир Соколов на главната улица “Крал Петар” продавала лекови,
гумените производи, завои, парфимерија, козметика од познати
светски марки и др.
Други дрогерии во градот биле: дрогериското складиште во аптеката
на улицата Цар Душан , дрогеријата “Зора” на Х. Ардити ,
дрогеријата на Лука Ѓ. Петровиќ , дрогеријата на Петар Нециќ и др.
Во дрогериските
складишта, аптеки и дрогерии, честопати, освен увозна стока имало и
санитетски производи од фирмата за сапун и парфимерија на М.
Петровиќ и фирмата за непечен сапун на Тодор Гребенаровиќ.
Во Скопје се развивало и
производството на медицински и хируршки инструменти, апарати,
медицински помагала, алатки и слично. За изработка на овие производи
се обучувал кадар. Според правилникот за изработка на практичните
задачи за мајсторските испити на подрачјето на Санитетската комора
во Скопје, испитната комисија барала да се изработи или да се
поправи медицински или хируршки инструмент. Била вклучена и
изработката на лекарски реквизити како кожна галантерија, торби,
ковчези и специјални сандачиња. Се обучувале и кадри за изработка на ортопедски помагала. Постоела
комисија за полагање испити за изработка на вештачки раменици, раце,
нозе со подвижни зглобови, прсти со помош на федери и др. Се
изработувале и бандажи или корсети (ортопедски мидери за корекции
на грб, колк, колено, 'рбет и сл.) Ваквите производи се продавале во дрогериите.
|