Социјалните прилики во градот |
Во периодот од 1918 до
1940 год. се развила нова диференцијација на општествените слоеви,
кога еснафите и старите занаети, ситната и уличната ориентална
трговија замрела, а на нивно место дошол до израз крупниот капитал и
индустријата. Работничката класа се оформила во една целина,
наспроти чиновничкиот и капиталистичкиот слој.
По 1918 год. приликите во
голема мера се промениле, многу објекти требале да се обноват
(патишта, железници, градби, нови установи), индустријата постепено
се развивала, трговијата се осовременувала, се отварале
претставништва на странски фирми, се изградиле многу нови куќи итн.
Работниците и надничарите
работеле за надници и не биле вклучени во никакви организации или
синдикати. Во занаетчиството се појавиле и жени кои работеле како
кројачки, модисткињи, фризерки и др.
Муслиманското градско
население кое пред 1918 год. било занаетчиско (кројачи-терзии,
кафеџии, ханџии, фесари, пајтонџии), продолжило да работи во својот
занает. Дел од турското население се иселило во Турција, а дел од
нив кои биле чифлик-сајбии ја продавале земјата и живееле од
резервите, а подоцна и од продавање на покуќнина или имоти за на
крај да станат сиромашни со титули на аги и бегови.
Голем дел од муслиманите,
доселени од Босна и Херцеговина, мухаџири, спаѓале во редот на
работниците.
Ромите од муслиманска
вера, делумно се занимавале со занаетчиство (ковачи, потковувачи), а
традиционално најголем број од нив биле амали (носачи), чистачи на
чевли и надничари, а жените биле измеќарки (бединерки), перачки и
обични работнички. Кај нив најмногу било застапено просјачењето,
особено кај децата и постарите жени.

20.1. Цртежи од Никола
Мартиновски со мотиви од тешкиот живот на работниците и сиромашното
население
Во периодот 1918-1941
год. , зајакнала граѓанската, богата класа, која била составена од
богати трговци кои тргувале со странство и сопственици на
индустриски, мануфактурни фабрики кои го прифатиле современиот начин
на живот, како и интелигенцијата која се школувала во странство.
Потребата од квалификуван кадар, особено во прецизни струки, барала
доселување на луѓе од други градови. Со спроведувањето на
колонизацијата, во Скопје биле доселени многу семејства, најмногу
Срби, од кои поголем број чиновници. Меѓутоа, средната граѓанска
класа, особено чиновниците, имала низок животен стандард поради
ниските чиновнички плати.
Начинот на живот кај
работничкиот дел од населението кое било патријархално воспитано, се
состоел од примитивни навики. Муслиманското население како и добар
дел од христијанското население јадело со скрстени нозе на софра. Во
овие куќи ретко имало маса и столови. Лажици и вилушки се
употребувале ретко, а се јадело од заедничка чинија со макање со
парче леб.
Жените носеле налани на
боса нога, и во зимскиот и во летниот период. Работниците сé повеќе
ги употребувале големите “Батини” опинци . Женските деца биле
облечени во фустанчиња од најевтини материјали, а машките деца
носеле изветвена, закрпена и стара облека. Козметички средства се
употребувале, но претежно се правеле дома на примитивен начин, од
штетни рафинмани, разни пудри, лакови за нокти ('кна), помади и
миризливи води. Поради ваквата состојба, во 1939 год. во Скопје свечено била
отворена зграда за работничко преноќиште и работничка трпеза која
имала за цел да ги прифаќа невработените работници кои немале
можност за плаќање на преноќиште.
Работничкото прифатилиште
располагало со 75 кревети, бања и тушеви, дезинфекциони апарати за
облека и др. Кујната била на располагање на сиромашните и
невработените. Зградата се наоѓала до Трговската академија. Во 1931 год. била
отворена и народна кујна, во која се хранеле калфи, чираци,
надничари, работници, просјаци, жени со деца и други. Народната
кујна работела само во зимскиот период.
Во 1930 год. во скопскиот
весник “Скопски Гласник” бил објавен проглас, преку кој се
повикувале граѓаните кои имале право на помош во пари, лекови,
храна, стан, лекар, огрев, да се пријават во Санитетското
одделение.
Според правилникот на
организацијата на социјално и здравствено згрижување и помагање на
сиромашни, невработени, болни и немоќни граѓани на општината на град
Скопје, издаден во 1939 год., сите членови биле заведувани во
картони и се водела контрола за промените кај заштитените и правилно
исплатување на помошта. Сите податоци за заштитените биле уредно
заведувани.
Помош во натура
бесплатно добивале старци и старици, вдовици со две или повеќе
малолетни деца, маж и жена со повеќе од пет малолетни деца, а се
доделувале и станови на семејства кои имале повеќе од осум членови,
а имале мали приходи. За активностите се грижела комисија која
поднесувала извештај до социјалната секција, која пак ја
распределувала помошта.
Ниските надници, редуцираната
месечна плата и малите приходи во однос на високите цени на
прехранбените производи, влијаеле негативно на средниот граѓански
слој. Овие слоеви прогресивно осиромашувале, со што била
оневозможена социјална стабилност.
|