Природните непогоди во
градот, а особено поплавата во 1929 год., предизвикале да се јави
потреба од позасилена социјална и хуманитарна дејност.
Секцијата која била
задолжена за социјална и хуманитарна акција на седницата во 1930
год., изработила програма на социјално-хумана колонија која според
прописите морала да ги има следните установи: дом за старци и
старици, завод за тешки инвалиди, завод и школа за
ментално-заостанати деца, завод за сираци, скривница за деца, дом за
напуштени деца, станови за сиромашни и заеднички установи кои се
состоеле од централна кујна, централна перална и сушална, централно
греење, пекарница, магацин, бакалница, читална, сала за забава,
амбуланта, станови и др.

20.7. Дом за стари, МГС
инв. бр. 3226
Зградата на домот за
старци и старици била готова во 1932 год., а во 1934 год. била
адаптирана со дополнителни технички новини - водовод, канализација,
електрификација, ограда, шупи и др.
Зградата имала две големи
соби со 24 кревети, една мала соба со 3 кревети за многу стари луѓе,
соба за дневно задржување, веранда, соби за сестри, амбуланта, а во
сутеренот, трпезарија, кујна, чилер, бања, перална, соба за
послугата и нужници.
Во домот се примале лица
за кои биле собрани податоци за домашната и роднинската состојба,
имотната состојба, неспособноста за работа, телесното и душевното
здравје, дали е граѓанин на скопската општина, каде живее, возраст и
др. Сите овие податоци биле прегледувани од советодавниот одбор и
судот донесувал одлуки за прием во домот.
Во домот се примале и
богати кои немале роднини, а сакале за нив да се грижи домот.
Храната во домот била обична и диетална, се состоела од четири
оброци - појадок, ручек, ужина и вечера. Диеталната храна се
состоела од 250 гр. млеко без шеќер или 250 гр. чај или тенко кафе
за појадок и ужина. Ручекот се состоел од чорби и едно јадење со
месо, а вечерата од едно јадење без месо. Во среда и петок во
исхраната немало месо, а во неделите и празниците за ручек се
служело и тесто или овошје. На секој штитеник во домот дневно му
следувале 600 гр. леб, 150 гр. месо, 30 гр. масти или зејтин, 20 гр.
сол, лук и зачин, 50 гр. брашно, 30 гр. тесто за чорба, 25 гр. грав,
грашок или ориз, или по 500 гр. компир, 500 зелка. Дневно им
следувало по едно јајце на три лица и 25
гр. шеќер за тесто и овошје.
Диетална храна се
приготвувала за болните лица.
Домот имал и свој лекар
кој двапати неделно вршел прегледи и пропишувал лекови. Штитениците
во домот, во слободното време се занимавале со разновидни
активности, а многу често изработувале рачни работи кои ги
продавале, а приходот го делеле на половина со домот.
|