Детско
одморалиште на Водно |
Детското одморалиште на Горно
Водно било изградено во 1932 год. и се состоело од еден павилјон за
спиење, трпезарија, кујна и споредни простории. Овој павилјон можел
да прими 35-45 лица.
Во 1939 год. бил дограден
уште еден павилјон. Опоравувалиштето во почетокот работело само три
месеци, но поради траењето на школската година, почнало да работи по
два месеци, во јули и август.
Месниот училишен одбор на
скопската општина управувал со одморалиштето и воспоставил правила
на работа. Според правилата, децата требале да престојуваат 30 дена,
одморот да биде разместен во три смени, а возраста на децата од 6 до
12 години. Децата кои летувале требало да бидат од забавиштата и
основните училишта, првенствено деца на кои им било потребно
опоравување, а нивниот престој се наплатувал.
Децата организирано се
пренесувале во одморалиштето, добивале исхрана, лекарска нега,
имале воспитувачи, а децата со себе носеле облека и чевли.
Исхраната на децата се
состоела од пет оброци, составени од здрави и свежи продукти,
приготвени со зејтин. Продуктите биле набавувани од градот, а
млекото од блиските села. Децата го минувале времето во организирана
работа во текот на денот, а имале и слободни активности. На
игралиштето имало справи за вежбање, рингишпил, лулашки, мрежа за
одбојка, а денот почнувал со утринска гимнастика. Децата повремено
се миеле под тушеви, со млака вода, или во базен за пливање, а пред
спиење ги миеле нозете.
Учениците кои летувале во
одморалиштето биле од училиштата во градот, од различна вера и
класа. Машките спиеле во собите на кат и во приземјето, а женските
деца на катот.
Детското опоравувалиште
на Горно Водно ја славело славата Преображение на 19 август. На
славата имало многу гости, излетници, се сечел колач, а била
подготвувана и пригодна програма со рецитирање, соло и хорско пеење
и гимнастички вежби.
Во 1933 год. на денот на
славата било формирано и планинарското друштво “Водно”.
|