Освен грижата за
материјална помош на децата, скопската општина се грижела и за
физичкото образование на децата. Во таа смисла во градот биле
приспособени неколку детски игралишта. За потребите на игралиштата,
градското поглаварство, од Долно Соње донело чист кварцен песок со
кој биле пополнети коритата на игралиштата.
Освен повеќето вежбалници
кои биле изградени во парковите или во училишните дворови, во 1935
год. било изградено модерно игралиште. Ова игралиште се наоѓало во
паркот Идадија, со површина од 1600 м2, било засадено со дрва, имало
справи за детска гимнастика, справи за играње кошарка, патека за
трчање и др. Оваа патека се користела и за лесна атлетска
гимнастика. На игралиштето имало и “колотрк”, а се користело и за
излети на децата од училиштата.
Друго детско игралиште
имало во паркот Ислахане и било наменето за деца до 6 год. Детското игралиште го изградило градското поглаварство, односно
отсекот за физичко воспитување на децата, во близина на Хигиенскиот
завод и Училиштето за бабици. Игралиштето имало површина од 1100 м2,
било уредено и служело како парк. Во него имало справи, комплетна
конструкција на пенали, конопи за лазење, даски за качување со
дрвено мовче за скокање, лулашки, мал дрвен разбој, две шведски
клупи, две дупки наполнети со струготини за скокање и мала ограда за
ситен бел песок. На ова игралиште биле поставени и справи за
одбојка, кошарка и пинг понг. Влезот бил дозволен за деца до 12
години.
|