Заштита
на сиромашните деца |
Со стопанскиот напредок
во првите години по 1918 год. се појавиле минимални можности за
вработување. Државната администрација како и приватната дејност,
овозможувала на мал дел од населението да се вработи, трајно или пак
на подолг период.
Во периодот по 1930 год.
стопанството почнало да слабее, а стандардот на сиромашното
население се повеќе опаѓал.
Животот на тој дел од
населението бил тежок, сведен на минимум средства за живот. Во 1938
год. била свикана конференција на претседателско ниво, на која се
дискутирало за материјалната помош на сиромашните. На оваа
конференција, сиромашните биле поделени на две групи, на оние на кој
постојано им треба помош и на оние на кои повремено им треба помош.
Помошта првенствено се давала во натура, а во исклучителни прилики и
во пари.
Во 1931 год. поради
застрашувачката ситуација на сиромашниот дел од населението,
градската општина упатила повик до сите стопански, хумани здруженија
и приватни лица да ñ помогнат на скопската сиромаштија, на
социјално слабите и на невработените работници.
Особено внимание се
посветувало на згрижување на децата од школска и предшколска
возраст. Освен со исхрана, се помагало и со облека и други потреби.
Скопската општина преку
месниот школски одбор , отворила две кујни во училиштата Ѓура Јакшиќ
и Вук Караџиќ. Училиштата Цар Душан и Његош имале свои кујни, а
голем дел од децата се хранеле и во Хигиенскиот завод.
Во овие детски кујни се
хранеле 270 ученици, а во Хигиенскиот завод 198 ученици. Меѓутоа, во
овие детски кујни, децата добивале само еден оброк (ручек), а
кујните работеле само три, четири или пет месеци.
Просјачењето во градот
била појава позната од поодамна. Сите деца кои биле присилени на
ваков начин да заработуваат за себе и за своите семејства, се
одликувале со природна дарба за духовитост, досетливост и природна
интуиција.
Во старо Скопје овие
деца-просјаци ги нарекувале џулхан-бегови, бидејќи ноќе спиеле на
пепелот во амамските џулхани. Овие деца секогаш оделе во групи, а
пленот го делеле на еднакви делови.
Меѓу просјаците имало и
такви кои на друг начин не можеле да заработат, но имало и такви кои
професионално се занимавале со просјачење. Општината безуспешно се трудела да го спречи просјачењето.
Посебен проблем во
заштитата на децата, била исхраната која не ги задоволувала
основните услови, а најмногу биле загрозени децата од претшколска
возраст. Во Скопје, во периодот 1932-34 год. процентот на умирање
на доенчињата од стомачни болести како последица на нерационална и
слаба исхрана изнесувал 38%, а морбидитетот од истото заболување ја
надминувал бројката од 46%. Во периодот 1930-35 год. во Скопје
умреле 24,8 %, деца на возраст до 10 год., во однос на родените, а
до 18-годишна возраст, смртноста изнесувала 30 %.
Друштвото”Српска мајка”,
било формирано во 1928 год., со хуманитарен карактер, со сопствена
детска кујна и ги заштитувало децата и родилките.
Во 1929 год., на
Спасовден, бил организиран детски ден од страна на пододборот
“Српска мајка”. На тој ден децата во поворка оделе низ градот со
табла на која пишувало”Спасете не”, придружувани од војна музика. Во
оваа поворка биле најнапредните и најнегуваните деца и биле
доделувани награди за нивните мајки. Во салата, пак, на киното
“Балкан” се собрале мајки со бебиња и деца до 5 год. каде што биле
доделувани награди. Во ова натпреварување учествувале само
побогатите слоеви. Во 1931 год. ова друштво отворило и својот дом за деца со забавиште
и интернат за деца до 2 год., диспанзер за деца и советувалиште за
трудници, родилки и мајки. Овој дом се наоѓал на Пожаревачка улица
во преуредена приватна куќа. Друштвото приредувало детски поворки, а организирало и детски забави во Офицерскиот дом.
Во 1934 год. во Скопје
била формирана установата “Општинска заштита на деца и мајки” чија
функција била помош и заштита на граѓаните.
Оваа установа особено се
грижела за заштита на новороденчињата, на децата до 6 год., бремени
жени, родилки и мајки.
Задачата на установата
била утврдување на причините за заболувањата на децата, мајките и
жените, проучување и утврдување на мерките и условите за намалување
на заболувањата, како и подучување за водење на хигиена на бремени
жени, мајки и здрав развој на децата. Ова здружение формирало и ја
поддржувало работата на установите за чување на телесното и
душевното здравје и лекување на болестите. Здружението се грижело за
децата и мајките и укажувало материјална, морална и правна помош, а
водело и статистика за смртноста и раѓањето на деца и друго.
Посебна установа во
состав на Општинската заштита на деца и мајки било советувалиштето
за млади пред стапување во брак, детскиот диспанзер, детската
колонија каде што биле згрижени деца без родители или болни и
породилиштето со дом за незгрижени мајки.
За работата на установата
се грижел стручен кадар, составен од бабици, сестри, породилки,
сестри за домашна посета и социјални сестри.
Сите совети биле давани
бесплатно, а бесплатен бил и прегледот во детскиот диспанзер.
|