Во периодот меѓу двете
светски војни во градот Скопје, по углед на Белград, биле формирани
многу хуманитарни друштва кои во суштина извршувале иста работа и
активност. Повеќето од овие друштва биле пододбори на исти друштва
од Белград.
Работата на друштвото
“Коло на српските сестри” во Скопје се состоела во помагање на
сиромашните, без разлика на верата и националноста. Колото било
отворено во Женското занаетчиско училиште, а приходите ги
обезбедувало со изработка на фустани, долна облека и трикотажа, а во
1920 и 1921 год. била отворена и килимарска работилница, каде што се
изработувале килими по углед на пиротските. Овие производи биле
продавани, а приходот ги задоволувал потребите на друштвото. Во 1922
год. било формирано и Коло на девојки.
Во 1925 год. бил удрен
камен-темелник на домот на ова друштво, а во 1926 год., бил осветен.
Во овој дом било сместено и Женското занаетчиско училиште со пет
одделенија. Освен сопствените приходи, Колото на српските сестри
имало приходи и од членството на основачите, дарителите и прилози
од одделни институции, Министерството за трговија, Скопската општина
и др.

20.2. Коло на српските
сестри, МГС
Здружението на жените во
Јужна Србија било формирано во 1919 год., а целта била прифаќање и
воспитување на деца- воени сираци и инвалиди. Во составот на ова
здружение имало и Работничко училиште во кое главна дејност била
шиење и кроење. Претседателот на Скопската општина, С. Хаџи Ристиќ
во 1919год. на Здружението му подарил 9 машини за шиење, со што ја
помогнал неговата работа.

20.3. Здружение на жените
во Јужна Србија, МГС
Скопскиот пододбор на
здружението Књегиња Зорка имал своја сопствена зграда и својата
хуманитарна и социјална задача ја исполнувал со прибирање на
средношколци, и служел како интернат. Овој дом се наоѓал на кејот
Крал Александар под Железниот мост во Маџир маало.
Друштвото “Дебар маало”
било добротворно, а неговата главна дејност се состоела во
облекување на сиромашни деца.
Хуманитарното
друштво”Шефкет” се грижело за спречување на просјачењето на улиците
и ја известувало полицијата за таквите појави. Друштвото
материјално ги помагало сиромашните со прехранбени продукти, леб,
пченично и пченкарно брашно. Претседател на друштвото бил Сали Хаџи
Ристем Беј.
Во состав на
хуманитарното друштво, Ферид Бајрам го организирал и женското
работничко училиште “Шефкет” кое имало две групи. Во едната група се
шиело, а во другата се изработувале килими. Муамед Хаџи Беќич бил
управник на училиштето, а Накија Бајрам заменик. Училиштето било
отворено во 1935 год. и работело до почетокот на Втората светска
војна. Учениците во училиштето биле муслимански девојки на кои
преку учењето во ова училиште им била овозможена и забава. Секој
петок овие девојки во договор со киното Балкан и Ферид Бајрам,
посетувале кино-претстави. Ферид Бајрам бил организатор и на
хуманитарната организација “Разбибрига” која имала за цел да им помага на сиромашните муслимани.

20.4. Хуманитарно друштво
“Разбибрига”, МГС инв. бр. 4459

20.5. Женско работничко
училиште “Шефкет”, МГС инв. бр. 4458
Сите хуманитарни друштва
во Кралството Југославија кои биле регистрирани во 1932 год. морале
да работат според општи одредби пропишани од страна на Сојузот на
хуманитарни друштва во Белград. Задачите на Сојузот на
хуманитарните друштва биле да даваат совети за начинот на формирање
на вакви добротворни, социјални друштва, здруженија и други
установи.
Сите здруженија морале да
се грижат за здравјето на своите членови, сиромашните и
незгрижените деца. Тие се грижеле за облека и храна и ги праќале
своите штитеници на лекување, особено оние болни од туберкулоза, а
организирале и летување за децата кои биле поголеми од 6 години.
Освен преку хуманитарните
здруженија, многу од богатите и видни скопјани давале храна и облека
на сиромашни деца , а за секој верски празник тие облекувале стари
луѓе и деца. Во 1934 год. во списокот на сиромашни лица на кои им
била потребна помош, биле запишани 2225 семејства, од кои 1251
православни, 35 католици, 588 муслимани, 97 мојсиевци и 254 Цигани.
За сите здруженија и
граѓани што им давале помош на сиромашните во весникот “Скопски
Гласник” биле објавувани списоци, со што биле поттикнувани да
помагаат.
|