Јавната безбедност во градот |
Јавната безбедност се
грижела за целокупната безбедност на градот и граѓаните преку
ноќните стражари. Ноќните стражари го надгледувале движењето во
градот, ги проверувале сомнителните личности и за тоа поднесувал
рапорти. Се водела книга на патници и странци кои доаѓале и си оделе
од градот, се внимавало на локалите и местата каде што се работело
со оган и се обрнувало внимание при негова неправилна и опасна
употреба.
За ноќната стражарска
служба, општината била принудена привремено да прибегне кон систем
на милиција. Општината во својот буџет планирала посебен дел на
расходи за формирање на постојана чета потребна за одржување на
јавната безбедност. Со одлука на Општинскиот одбор во 1921 год. било
решено да се собираат такси за јавната безбедост во градот. Дуќаните
биле категоризирани во три групи со одредена такса, па според тоа,
тие требале да одвојат:
- големи
дуќани, фирми 210 динари годишно
- мали дуќани 120 динари годишно
- продавници
во маала 60 динари годишно
Во 1926 год. била
воведена нова такса за јавна безбедност која изнесувала :
- за парични
заводи 1200 динари годишно
- за поголеми
продавници 400 динари годишно
- за дуќани
во чаршија 120 динари годишно
- за мали
дуќани 60 динари годишно
- за
периферни дуќани 30 динари годишно
Становите биле ослободени
од плаќање такса за јавна безбедност.
Покрај полицијата, за
јавната безбедност се грижеле и жандармите. Меѓу првите одлуки на
Министерскиот совет во јануари 1919 год., била одлуката за
реорганизација на жандармеријата и нејзино бројчано зголемување на
10.000 луѓе (во Македонија). Жандармите имале жолтеникава униформа и биле вооружени со пушки.
Покрај нивното делување во градот, жандармите биле испраќани и на
терен, насекаде каде што имало потреба од интервенција, сé со цел да
се зачува јавниот мир.
Владимир Саздов, стар
скопјанец, памети дека на забавите кои се одржувале во Соколаната
(кај денешниот Универзитет “Св. Кирил и Методиј”) за редот и мирот
се грижеле жандарми.
Жандармите учествувале и
во граничните трупи. Тие всушност претставувале еден вид на платена
војска. Жандармеријата, односно Жандармерискиот полк бил сместен во
зграда на местото на денешниот паркинг-простор пред Хотел Гранд.
Бројот на жандарми во Македонија бил доста голем, дури се вели дека
од вкупно 20.000 колку што имало во Кралството Југославија, 12.000
биле во Македонија.
Зградата на Полициската
управа се градела долго време поради финансиски проблеми, односно
неподмирување на долговите од страна на Министерството за внатрешни
работи. Затоа, полицијата многу често ги менувала своите простории.
Конечно била изградена полициска зграда наспроти Окружниот уред
(денешна Градска болница).

19.1. Одред на чувари на
јавниот ред и мир, МГС
Секоја улица во градот
имала свој полицаец-чувар, а навечер обично патролирале по двајца
чувари-полицајци на коњи. Коњичката полиција била сместена во куќа,
сопственост на фамилијата Жариќ, а се наоѓала во Маџар маало (каде
што денес е комплексот на банки). Во составот на оваа коњичка
полиција имало и голем број Босанци.
Во надлежност на
полицијата спаѓале и наредбите и мерките што ги предлагала
ветеринарната служба. Тоа биле оние во врска со сузбивање на
зарази кај добитокот, контрола на продукти за исхрана, пијалаци и
промет со нив, како и контрола на вработените кои доаѓале во допир
со нив, просториите во кои се чувале намирници и добиток и др. Под
санитетско-полициска контрола биле и преноќиштата, становите,
работилниците, фабриките, гробиштата, местата каде што се исфрлала
нужничка и помијарска нечистотија, како и јазови и барски места,
односно сите места каде што се продавал жив добиток, како и дуќани,
превозни средства, грижа за умрени животни, касапници, месарници и
млекарски работилници.
Но, сето ова спаѓало во
пошироката надлежност на полицијата, додека нејзина основна задача
била сузбивање на криминалот и одржување на редот и мирот во градот.
|