topimage
HomePage Header Header
Image_t3
Left BG
Divider
Arrow Bullet

Почеток

Divider
Arrow Bullet

Содржина

Divider
Arrow Bullet

Вовед

Divider
Arrow Bullet

Краток историјат на градот Скопје

Divider
Arrow Bullet Население
Divider
Arrow Bullet
Скопски маала
Divider
Arrow Bullet Регулационен план
Divider
Arrow Bullet Улиците во градот
Divider
Arrow Bullet Градежна активност
Divider
Arrow Bullet Водовод
Divider
Arrow Bullet Јавни бањи и амами
Divider
Arrow Bullet Јавна хигиена
Divider
Arrow Bullet Јавна канализација
Divider
Arrow Bullet
Електрификација
Divider
Arrow Bullet Сообраќај
Divider
Arrow Bullet Пошта
Divider
Arrow Bullet

Скопската чаршија и занетчиство

Divider
Arrow Bullet Трговија и трг. врски
Divider
Arrow Bullet Банкарство
Divider
Arrow Bullet Индустрија
Divider
Arrow Bullet Хотелиерство
Divider
Arrow Bullet
Јавна безбедност
Divider
Arrow Bullet Социјални прилики
Divider
Arrow Bullet Здравство и хигиена
Divider
Arrow Bullet Ветеринарна служба
Divider
Arrow Bullet Паркови и зеленила
Divider
Arrow Bullet Театар
Divider
Arrow Bullet Скопски кина
Divider
Arrow Bullet Корзото и прошетки
Divider
Arrow Bullet
Кафеани
Divider
Arrow Bullet Плажи
Divider
Arrow Bullet Излетнички места
Divider
Arrow Bullet Цркви и црк. живот
Divider
Arrow Bullet Градски гробишта
Divider
Arrow Bullet Просветни прилики
Divider
Arrow Bullet Научни друштва
Divider
Arrow Bullet
Музеи
Divider
Arrow Bullet Културно-уметнички живот
Divider
Arrow Bullet Спортски живот
Divider
Arrow Bullet Односи во семејство
Divider
Arrow Bullet Материјална култура
Divider
Arrow Bullet
Духовна култура
Divider
Arrow Bullet Заклучок
Divider
Arrow Bullet Извори
Divider
Arrow Bullet

Подарени етнолошки предмети од старите скопски фамилии за Музеј на град Скопје

Divider

Развој на индустријата

Во периодот  1918-1941 год. биле создадени услови за развој на индустријата во Скопје. Првите индустриски претпријатија (мелници, шарлаганџилници и други ) преработувале домашни земјоделски и сточарски производи за да се обезбеди пласман на готовите производи и да се избегнат трошоците за нивното транспортирање. Тенденцијата на  индустријата  била што повеќе да му се приближи на пазарот, односно да биде што поблизу со корисниците.

До 1912 година во Скопје постоеле следните индустриски претпријатија :

4 мелници, 1 фабрика за бонбони, 1 фабрика за пиво, 1 калорична електрична централа, 1 фабрика за гајтани, 1 фабрика за кожи, 1 фабрика за метални производи, т.е. вкупно 10.

Од 1918 до 1926 година биле ликвидирани мелницата на Јусуф Морина,  Хаџи Ибрахим - Галибеговата мелница и електричната централа во Скопје.

 До 1941 година функционирале мелницата на Бекир Емин и неговите браќа, мелницата на Дапчеви (по Првата светска војна сопственост на браќата Димови), фабриката за бонбони “Европа”, фабриката  за волнени и памучни ткаенини на Стерјо Пикулис  (обновена во 1924 година ), фабриката за кожи на Димче Вучидолов, металското претпријатие на Тодор Папатеодоси и фабриката за сапун.345

Динамичниот пораст на населението на Скопје, пред сé, се должи  на географско-сообраќајната  положба на градот во новосоздадените услови што придонело градот да се претвори во крупен административно- економски и културен центар во Вардарска Бановина. Со приклучувањето на Вардарска Македонија кон Кралството Југославија, целокупниот стопански живот кој пред Првата светска војна бил ориентиран кон Југ, кон Солун, се преориентирал кон Север и се поврзувал со Србија,  Хрватска, Словенија кои, во однос на Македонија, веќе биле високоразвиени  индустриски подрачја.

Во период од десет години во Скопје никнале десетина индустриски претпријатија кои се снабдувале со неопходните суровини од земјоделството и сточарството.

Располагајќи со сите услови за развој,   можел да се очекува брз развој на индустријата во Македонија и во Скопје. Меѓутоа, напредните и реакционите режими во специфичните политички и економски услови во рамките на предвоена Југославија, тоа не го дозволувале. Во тие услови, Македонија останала дури  како стопански неразвиено подрачје.

Секако дека во периодот 1918-1941 година во Скопје се изградиле  нови индустриски претпријатија, но нивниот број, обем и  капацитет биле на пониско ниво од останатите во Кралството Југославија. Друга важна карактеристика на тој период бил и фактот што поголемите и порентабилни индустриски претпријатија во Македонија биле сопственост на луѓе од немакедонско потекло. Тоа најдобро се гледа од приказот на индустријата во наведениот период со означување на нивните сопствениците и на почетниот вложен капитал, за кои ќе стане збор подолу.

Во 1920 година во Скопје била основана Трговско-индустриската банка “Вардар” со капитал од три милиони динари,346 која давала големи можности во однос на развојот на скопското стопанство. Во 1921 година, во Скопје било отворено Железарското претпријатие на Милан Шобота со капитал од 450 илјади динари. Во 1922 година почнала да работи Индустријата за преработка на дрво “Треска”, сопственост на Велко Миковиќ, Љуба Љубисавлевиќ и компанија со капитал од 5.641.235 динари.

Мелницата на браќата Дапчеви во 1930 годин се проширила и  електрифицирала. Во 1940 година мелницата имала 12 работници.

Мелницата на Јусуф Марина се наоѓала во паркот Ислахане, а престанала да работи во 1926 година. Во неа работеле 20 работници.

Мелницата на Бекир Емин и браќата во 1936 г. била автоматизирана. Во 1940 година во неа биле вработени  15 работници.

Мелницата на Гали-бег (за разлика од првите три мелници, кои потекнувале од крајот на 19 век), оваа мелница била основана во 1908 година. Престанала да работи во 1923 година, кога во неа работеле 10 работници.

Извозничката фирма Симиќ и Павловиќ од Смедерево и браќата Тасиќ, житари од Лесковац, со изградба на автоматска мелница “Балкан” започнале во 1921 година. Мелницата “Балкан” во Скопје се наоѓала  покрај  железничката линија Скопје-Косовска Митровица. Во меѓувреме фирмата Симиќ и Павловиќ се разортачува, а браќата Тасиќ, за да ја довршат мелницата, од  Лесковачката централна банка побарале финансиска помош. Спомнатата банка, исплатувајќи го на Симиќ и Павловиќ вложениот капитал, станала полноправен ортак со браќата Тасиќ. Во 1922 година мелницата била пуштена во погон и работела се до 1934 година, кога станала целосно сопственост на Лесковачката банка. Таа претставувала едно од најголемите и најмодерни мелнички претпријатија во Македонија. Во 1929 година таа била приклучена кон градската електрична мрежа. Во 1940 година мелницата имала 46 работници и службеници.

 

17.1. Мелница “Балкан”, МГС инв. бр. 4821

Автоматската мелница Вардар била сопственост на здружениот капитал на браќата Атанас и Лазар Георгиеви и Драгутин Матов, брашнарски трговци од Скопје. Мелницата била изградена во 1934 година, во непосредна близина на Парната пиварница А.Д. Скопје, покрај железничката линија Скопје - Ниш. Мелницата била автоматска и располагала со комплетна мелничка инсталација. Во неа работеле 23 работници и службеници.

Автоматската мелница Куманово била изградена во 1938 година. Основачи на мелницата биле Драгутин Корда, Јован Буста, Драшко Ивановиќ и Павле Стојковиќ. Првите двајца биле Чеси, а другите - Срби. Мелницата била изградена десно од патот Скопје - Куманово, во рамките на денешниот индустриски реон. Мелницата произведувала разни типови брашно и имала 25 работници и службеници.

Во 1924-25 години во Скопје работела мелницата “Косово” на браќата Димови со непознат капитал, како и фабриката  за  сапун “Вардар”, сопственост на Таса Стаиќ и Тома Поповиќ со капитал од два ипол милиони динари.347 Мелницата “Косово” била изградена зад рампата на железничката линија Скопје-Белград, на патот за Аеродром. Првобитно, мелницата располагала со три чифта камења и со еден цилиндар и работела   на воден погон со помош на голем чекрек, чија движечка сила изнесувала 43 к.с. Производниот капацитет за осум часа изнесувал 4800 кг, односно за 24 часа 14.400 кг. брашно. Основачи на оваа мелница биле браќата Дапчеви, трговци од Скопје. Уште за време на турското ропство, мелницата ја купил Исмаил Паша и таа работела сé до 1922 година кога неговиот син Даут бег им ја продал за 4300 златни турски лири на браќата Димови, Ѓоко Хаџи Ристиќ, Анче Николов и Андреја и Наум Петровски, пекари и трговци со брашно и жито од Тетово. Во 1930 година мелницата била проширена и модернизирана и преминала на електричен погон.348

За време на истражувањата на индустријата во Скопје, наидовме на еден интересен податок. Во работата на мелницата “Косово” на скопскиот трговец Хаџи Ристиќ кој бил еден од сопственици, учествувале и потпораснати деца. За работата тие заработувале по некој динар. Со запрежна кола со коњ, прилагодена за превоз на леб и други прехранбени производи, децата оделе по горните скопски села и ги снабдувале селаните со леб од фурната на својот татко, Ѓоко Хаџи Ристиќ. Од Водно до Усје, секој трет ден децата го разнесувале лебот порачан од селаните за време на претходната визита. По враќањето од селата, децата носеле список на нарачки за следниот ден. Колата на Ѓоко Хаџи Ристиќ, наменета за доставување на прехранбени артикли и леб била приспособена за таа намена. Имала настрешница, рафтови и слободен простор под седиштата за сместување на спомнатите артикли. Децата со себе носеле јадење, сув оброк и вода за пиење, бидејќи патувале и по неколку часа дневно. Производите во колата биле сместени во плетени кошници од врбови прачки за да има добар провев и храната да не се расипува. Настрешницата на предната страна на колата ги штитела децата од летните горештини, но и од врнежи.349

 

17.2. Семејна фотографија на Хаџи Ристиќ, МГС инв. бр. 4321

 Според своето значење и капацитет, на второ место по мелничката индустрија доаѓала индустријата за производство на масло (зејтин). Оваа индустрија е толку стара, колку што е стара и културата на афионот како нејзина суровина. Најнапред се појавиле приватните шарлаганџилници кои од афионово семе произведувале нерафинирано масло наречено “шарлаган”.

Две фабрики за производство на масло се наоѓале во соседниот град Велес од каде што  скопјани се снабдувале со овој продукт. Освен фабриката за масло и таан на Гошо Органџиев во Велес, во 20-тите години на 20 век работеле и фабриката на Јован и Никифор Костовски и  на Димитар Настев, трговци со колонијални артикли од Скопје.

Трговецот Стеван Настев од Скопје имал деловни контакти и преписка со Велешкото шарлаганско А.Д. Така, на 16.11.1931 година тој добил соопштение според кое од него било побарано да му испорача на спомнатото А.Д. еден вагон мак (афионово семе) и макови погачи.350

Афионот како важна индустриска култура порано се одгледувал главно во Повардарјето и во пределите на Источната Македонија. Во текот на 1929 година таа  земјоделска  култура се проширила и  на север, sî до Прешево и делумно на подрачјето на Косово, околу Гњилане и Призрен351,  вклучувајќи го  и скопскиот предел.

Афионот почнал да се одгледува  и во Скопската Котлина,  добиеното семе се носело во велешките фабрики, а оттаму се добивал “шарлаган”.

Во 1921 година во Скопје била основана Трговска индустриска комора. Нејзин претседател бил трговецот Томо Поповиќ, потпретседатели биле трговецот Тошо Рацановиќ и индустријалецот Вељко Стефановиќ, а за членови на Комората биле избрани: Ѓорѓи Кикариќ, Спиро Милошевиќ, Димитар Вучидолац, Властимир Милкиќ, Бекир Емин, Киро Ризовиќ, Пајо Манојловиќ, Мокса Асео и Зејнел Мурина.352

По пет години, односно во 1926 година, во Скопје веќе функционирале 40 индустриски ситни претпријатија од примарно значење за градот кои ја користеле богатата локална земјоделско-сточарската суровина.353

Во периодот  од 1926 до 1928 година во Скопје успешно работеле Трикотажната фабрика “Дијамант” на браќата Атанасови со капитал од еден милион динари, како и “Хромасео” на сопствениците Асео, Декок со странски капитал во висина од дванаесет милиони и петстотини илјади динари. Скопската фабрика “Дијамант” била основана во 1927 година од Димитар Атанасов, трговец со плетачки и шивачки машини. Претпријатието располагало со 17 рамноплетачки машини, 1 шпул-машина, 1 машина за расчешлување на трикотажната стока, 4 специјални и 4 обични машини за шиење и 4 електромотори. Во самата фабрика имало плетачко, шивачко, шпуларско и монтажно одделение, како и канцелариски простории.354

Во 1929 година во Нерези  проработил рудникот за лигнит на концесионерите Перишиќ и Николаевиќ со капитал од милион динари, а кој  ја покривал потребата од овој вид на гориво во градот Скопје. Во селото Долно Соње, крај Скопје, почнало да работи претпријатието за експлоатација на кварцен песок на сопственикот П. Мирковиќ со капитал од седумстотини илјади динари. Треба да се споменат и  туланите на Љуба Љубисавлевиќ (со непознат капитал) и “КИС” (Керамичка индустрија во Скопје), “Југ” (со капитал од 400 илјади динари), “Слон” (350 илјади), “Рекорд” (200 илјади),”Полет”(120 илјади динари) и други индустриски претпријатија.

Биле отворени и неколку фабрики за ќерамиди, ќерамидни цевки за инсталации и слично. Но, се употребувале и увозни ќерамиди. Се издвојувале фабриката за ќерамиди и тули”Полет” во село Драчево, која  била основана во 1937 година од страна на Никола Крстев од Куманово. Дневниот капацитет, за 10 часа работа во оваа фабрика изнесувал 6.000 ќерамиди и 6.000 тули. Во Топаанско Поле во 1938 година била изградена и почнала да работи  фабриката за ќерамиди и тули “Слон” на сопствениците Трајко Стевков, тулар од Скопје, Сретен Маринковиќ и Љубомир Милошевиќ, тулари од Србија. Паралелно со ова, во Топаанско Поле, истата година била основана уште една фабрика за тули и ќерамиди од Величко Николов, Стеван Савиќ, Јордан Ст. Лопарски, Јанакие Миленковиќ и Милисав Крстиќ. Тоа била модерна и технички современо опремена фабрика за производство со цилиндри за мелење земја, преса за ќерамиди, парна машина од 26 к.с. и два електромотори со вкупно 37 к.с..

Фабриките за тули “Рекорд” во с. Маџари и “Вардар” почнале со работа во 1939 година. Сопственици на “Рекорд” биле ортаците Александар и Богиша Поповиќ, Игнат Стоилковиќ, Миливое Илиќ, Петар Марковиќ, сите тулари од Србија. Тие изработувале 1.500.000 тули годишно, т.е. за два ипол пати повеќе од производството на фабриката “Полет”,. Фабриката “Вардар” на Стојан Танев, сопственик  на полска  пилана, ги задоволувала потребите во градот со  еден милион тули и шестотини илјади ќерамиди годишно.

Во 1936 година, во непосредна близина на Парна пиварница, покрај железничка пруга Скопје-Белград, била изградена и пуштена во производство фабриката КИС (Керамичка Индустрија Скопје). Како основна економска подлога за изградбата на оваа фабрика бил регулациониот план на градот за чие реализирање биле потребни големи количества канализациони цевки кои дотогаш се увезувале од Германија и Италија и биле многу скапи. Основачи на фабриката биле инж. Александар Павловиќ од Белград и инж. Глиша  Томиќ од Скопје. По една неполна година, т.е. во 1937 година, Глиша Томиќ се разортачил, отстапувајќи му го својот дел на ортакот Павловиќ кој фабриката ја механизирал и ја проширил со купени стари и нови машини од германско потекло. Фабриката КИС исклучиво се занимавала со производство на керамички цевки од разни димензии( 75 мм.,400 мм.) со соодветни фазонски делови за инсталација. Во првите години од својата работа,  споменатите фабрики, вклучувајќи ја и велешката фабрика на Тодор Левков и синовите, не можеле да ги елиминираат странските фирми поради сî уште слабата технологија. За потребите на градежништвото во градот сî уште биле потребни увозните керамички цевки.355

 

17.3. Работници во дворот на ф-ката “КИС” во 1939 год., МГС инв. бр. 2297

 Во тој период почнала да се развива и хемиската индустрија со производство на  сапун, козметички препарати, оксиген и алкалоиди и др. Во 1921 година сопственикот на сапунската работилница од Куманово, Тодор Гребенаров, своето претпријатие го преместил во Скопје, го зголемил капацитетот и го проширил асортиманот на производната продукција. Претпријатието се викало  Фабрика за сапун, парфимерија, козметика и хемиски производи “Јадран”-Скопје.

Во 1925 година била изградена фабриката за сапун “Вардар” која била сместена во еден од магацините што се наоѓале покрај Железничката станица, спроти Тутунски комбинат. Основачи на фабриката биле Таса Тасиќ и Тома Поповиќ од Врање. Се произведувал сапун за перење “Гирит” и мали количини тоалетен неполиран сапун, произведен на ладен начин. Сапунот се правел машински, но и рачно. Подоцна, на почетокот на 30-тите години во Скопје било основано модерно уредено индустриско претпријатие за сапун “Аеро” (1932-1933). Основачи на фабриката биле браќата Јован и Стеван Стефковиќ, сопственици на една работилница за сапун од Врање и Стојче Стојановиќ, трговец од Скопје, роден во Бујановац, инаку ортак и раководител на стовариштето на споменатата работилница за сапун во Скопје. Фабриката за сапун “Аеро” на сопствениците Стојановиќ и Стефановиќ имала почетен капитал од девет милиони динари.356 Според огласот во дневниот печат, фабриката “Аеро” изработувала сапуни и специјални прашаци за перење облека од коприна. Освен тоа, во оваа фабрика работел погон за производство за вреќи и сламарици од јута, парафински свеќи, маст за тркала и слично.357

 

17.4. Ф-ката Аеро, МГС инв. бр. 4701

 

17.5. Внатрешноста на ф-ката Аеро, МГС инв. бр. 4698

 

17.6. Работници во ф-ката Аеро со мајсторот Тодор, МГС инв. бр. 4696

 

17.7. Сметка од ф-ката Аеро од 1938 год., МГС

 

Претпријатието се наоѓало преку железничката рампа на патот за Кисела Вода, денес фабриката за сапун “Цветан Димов”, односно “Алкалоид”. Годишниот капацитет при една смена во фабриката изнесувал 1.500.000 кг сапун за перење, 200.000  дузини тоалетен сапун, 100.000 кг сода за перење, 100.000 кг прав за чистење, 5.000  литри колонска вода, 10.000 кг катран за колца, 200.000 кг сапунска пепелница на глицеринска база. Покрај зелениот и белиот  сапун “Гирит”, претпријатието  вовело и производство на “Марселски” сапун за перење кој порано не се произведувал тука.

Во 1936 година во индустрискиот дел на Скопје била изградена модерна и единствена фабрика за опиумови  алкалоиди и деривати. Фабриката ја основале Филип и Софроније Огњанови од Галичник, со финансиска помош на браќата Ледерер, големопоседници и банкари од Војводина. Тоа била единствена ваква фабрика во овој дел на Кралството. Индустријата за сапун се снабдувала со суровини за негово производство од земјата и од странството. Така, сулфурно масло се увезувало од Далмација, коскена маст од Земун и Љубљана, техничко масло од Велес, каустична сода од Луковац, водено стакло, талк, терпентин и друго - од разни краишта на Кралството. Со калофониум фабриките делумно се снабдувале во земјата, но и од странство. Основните суровини, како што се техничките масти (лој, кокосово масло, хидрирани масти, коскена маст итн.) биле набавувани од странство, повеќе од 80%, хемикалии и бои целосно од странство (100%), а снабдувањето се вршело преку лондонскиот и амстердамскиот пазар. Лојот се увезувал од Австралија и од земјите на Јужна Америка, кокосовото масло од Цејлон, хидрираните масти од Јапонија, коскена маст од Холандија и Белгија.358

 Развојот на индустријата  и нејзините резултати биле прикажани на отворената стопанска изложба во Скопје која се одржала во 1929 година, на која учествувале 752 излагачи, а ја посетиле над 38 илјади посетители. Изложбата била отворена во присуство на кралот  Александар.359 За тоа дека индустријалците во голема мерка придонеле за развојот на градот Скопје сведочи  списокот на наградени граѓани кој бил објавен во дневниот печат. Со орден “Бел орел”, петта класа,  бил одликуван Александар Бујковиќ, со орден “Св.Сава”, трета класа, Спиро Хаџи Ристиќ, со орден “Св.Сава”, петта класа, биле одликувани Данило Јанкуловиќ, Љуба Љубисавлевиќ, Бошко Жераиќ, Ѓорѓе Хаџи Ристиќ, Саид Амед, Милан Илиќ и Тодор Гребенаровиќ. 360

Управата на Трговско-индустриската комора во 1931 година одржала седница на која, покрај другото, била донесена одлука за заштита на домашното производство од странска конкуренција. За таа цел било предложено да се воведе царина на увозните суровини за производство на масло.361

Во периодот од 1932 до 1940 година, во Скопје, сапун произведувале фабриката за парфимерија, козметика и хемиски производи “Јадран”, фабриката за алкалоиди на браќата Огњановски (денешен “Алкалоид”), фабриката за сапун”Вардар” и други.

Слабото темпо на развој на хемиската индустрија во Скопје се должи на големата конкуренција на хемиските претпријатија од северните поразвиени подрачја каде што доминирал странскиот  капитал. Ако во северните предели на Кралството во тоа време странскиот капитал бил застапен до 50%, во македонската индустрија изнесувал 80%. Тоа  значи дека македонските хемиски индустриски претпријатија, главно  работеле со увозна суровина.

Техничката опременост на фабриките за сапун во Македонија, со исклучок на   фабриката”Аеро”, била застарена. Технолошкиот процес сé уште бил примитивен и   повеќе имал занаетчиски карактер. Фабриката за оксиген “Ага-Руше” во Ѓорче Петров и фабриката за алкалоиди на браќата Огњановски претставувале технички помодерни претпријатија. Само фабриката “Аеро” имала 50 работници и службеници, а другите фабрики - само до 20 вработени. Иако фабриките за сапун работеле со намален капацитет, сепак 80-85% од производите биле пласирани во Македонија, а 15-20% во Косово, Метохија и јужно од Врање. Фабриката  “Аеро” ги преминала локалните рамки и ги освојувала пазарите во Јужна и Западна Србија.362 Треба да се земе предвид и неквалификуваноста на “индустријалците” во градот. Токму поради овие причини, почнувајќи од 20-тите години на 20 век, во Македонија почнале да се оспособуваат како занаетчиски, така и индустриски кадри. Погоните на индустриските претпријатија веќе преминувале на парни локомотиви, саусгас-мотори, дизел-мотори и електрична енергија.363 Се правеле и други напори за подобрување на стопанската моќ во Скопје, а со тоа и во Македонија. Во 1932 година, општината на градот Скопје донела одлука да ја елиминира концесијата на странските фирми и самата да го снабдува градот со електрична енергија.364

Развојот на текстилната индустрија во Скопје не  се должел на големата побарувачка на месното население , туку на големата локална суровинска база, благодарение на добро развиеното сточарство, одделните гранки на земјоделството, како и на големата побарувачка на текстил од страна на турската војска за време на османлиското владеење. Создадените трговски врски и добиеното искуство за пласирање на готови текстилни производи, го поттикнувале натамошниот развој на ова производство.

Во периодот 1933-1940 години во Скопје работеле текстилната индустрија “Тулемат” на Бедри Тулејмат со капитал од триста илјади динари, фабриката за чорапи “Шар” на Макс Ибершер, текстилната индустрија “Вардар”, сопственост на Рибарови, Шеќеринови и Димитрови (5 милиони динари), текстилната индустрија “Тулбенд” на Арон Дикиџијан и М. Хамид (три милиони и петстотини илјади динари), текстилната фабрика на Вангел Костовски ( еден милион и сто илјади), текстилната фабрика “Армаган” на Богос Армаганијан со капацитет од два милиони динари, работилницата “Југ” на А. Хасановиќ (со 150 илјади) и други текстилни претпријатија.365

За богатиот асортиман на текстилни производи може да послужи Божиќната честитка од 1930 година која Спиро Милошевиќ и Комп. од Скопје му ја испратиле на трговецот Стеван Настев. Во честитката, меѓу другото, се наведува :”...штофови за машка облека, дамски фустани, костуми, капути и слично...а се спомнуваат и сатен, сомот, етамин (за завеси и вез),...гарнитури за креветски чаршафи, чаршафи за на маса, гоблени итн.”366 Од низата публикувани огласи, архивски документи и литературни извори, дознавме дека, без оглед на развиената текстилна индустрија, сепак, голем дел од овој вид производи во Скопје се увезувале. Така, Стеван Настев, во 1931 година се обратил до платнарско- мануфактурната работилница на Јосиф Јаролимек и Синови во Белград, и добил одобрение да увезе “најнови мустри за преслекување на мебел, како и мустри на свилени завеси и слично”.367 Мошне популарен бил салонот на браќата Мацура кој уште во 1939 година на граѓаните  им нудел голем асортиман на сезонска машка, женска и детска облека.368

Индустријата за преработка на кожа е една од најстарите индустриски гранки во Скопје. Уште во средниот век овој град се спомнува како кожарски центар со околу 500 камени корита за обработка и штавење на кожи. Со напредувањето на техниката во индустријата и промените во облекувањето, кожарството како занает со примитивна изработка, почнал да го губи своето значење и да í го отстапува местото на индустриската обработка на кожата.

Во првите години по Првата светска војна, во Скопје почнала да работи првата фабрика за кожи на Велко Вучидолов и Синови.369 Во 1922 година оваа фабрика  имала капитал од 600 илјади динари и годишен капацитет од 10 илјади “фуса” на кожи од типот “бокс” и “шевро”.370 Во текот на 1929 година, во Скопје се отворило уште едно претпријатие за преработка на кожи, фабриката за кожи на Махмуд Омер. Но, покрај наведените фабрики, уште постоеле голем број на традиционални занаетчии, бидејќи побарувачката на производи од ваков вид сé уште била голема.

Фабриката на Велко Вучидолов во Скопје претставувала вистинска пресвртница  во кожарството во Скопје. Велко бил доселеник  во Скопје од скопската околина, бил чорбаџија со големи чифлици, сопственик на две меани и производител на тули и вар. Тој акумулираните парични средства планирал да ги пласира во нови доходовни стопански гранки. Неговиот најстар син, Димче кој понатаму ја водел фабриката, му бил помошник и заменик во управувањето со имотот и  производството и ја продолжил работата на татко му.

На почетокот на 20 век, Велко го испратил својот син Димче во Америка и Англија, за да се запознае со модерните индустриски претпријатија за кожи и таму да се обучи. Димче Вучидолов се вратил во Скопје со еден парен котел, со парна машина и едно автоматско буре за миење кожи кое го монтирал во специјално изградената зграда за фабриката. [1] Претпријатието работело со 5-6 работници под стручно раководство на самиот сопственик.

До 1930 година фабриката за кожи на Димче Вучидолов не претрпела никакви технички измени. За да ја издржи конкуренцијата, таа морала да го модернизира производството. Во 1940 година претпријатието имало само 12 работници [2] од кои  еден дел се  обучувале во Државното средно кожарско училиште во градот Ловеч.

 

17.8. Сметки од Кожарско-индустриското претпријатие на Димче В. Вучидолов од 1937 и 1940 год.

 

17.9. Дел од тефтерот на Вучидолов, цртежи на машини за обработка на кожа и текст за обработка на кожа, донесени од Америка и Англија.

 

Металната индустрија се појавила многу доцна, дури кон крајот на првата деценија на 20 век. Во 1925 година, единствено претпријатие за изработка на железни и ламарински производи било сопственост на браќата Тодор, Кика и Георги Папатеодоси. Во 1940 година претпријатието располагало со 50-60 работници и службеници.

Во 1921 година, Милан Шобота кој работел во многу претпријатија во Србија, а потоа и како мајстор во фабриката на Папатеодоси, основал машинска работилница. За таа цел тој  купил плац во реонот на “Треска”, набавил нови машини од Германија и Југославија и отворил металопреработувачко индустриско претпријатие со машинско, ковачко и леарско одделение.

Во 1936 год., во Скопје, во месноста  Ќерамидница, било формирано индустриското претпријатие за преработка на железо и  метал “Вардар” сопственост на браќата Милан, Марко, Лазар и Бранко Галиќ. Браќата  Крсто и Владо Галиќ, како трговци на големо во Скопје, две години подоцна (1938) во непосредна близина на фабриката “Вардар” основале фабрика за преработка на железо и метал, позната како леарница и преработка на железо и метали “Пирит”.

Концентрацијата на металската индустрија во Скопје било последица на добрите сообраќајни врски и развојот на градот што овозможувало побрз дотур на суровини, работна сила, особено на квалификувана, и полесна реализација на готовите производи. [3]

Од другите индустриски претпријатија во Скопје помеѓу двете светски војни, треба да ја спомнеме фабриката “Треска” со капитал од еден милион и шестотини илјади динари и со 230 работници и службеници. Претпријатието за трговија и преработка на дрво”Треска” било основано во 1922. Управниот одбор на ова претпријатие во првите години на неговото постоење бил составен од акционерите: Чедо Павловиќ, индустријалец од Белград, Љуба Љубосављевиќ, индустријалец од Скопје, Ристо Караџа, трговец од Скопје, Вељко Миковиќ, трговец со градежен материјал од Белград, Илија Зечевиќ, трговец со градежен материјал од Белград, Здравко Тодоровиќ, адвокат од Белград и други. Како надзорен одбор во фабриката биле Томо Здравев, трговец од Скопје, Лазар Жарковиќ од Косовска Митровица, Бошко Вучковиќ, инженер од Белград и Велиша Гошевиќ, адвокат од Белград. Од денот на основањето, па сé до 1938 година,”Треска”преработувала чамова валчеста граѓа (елка и смрека),а била отворена и работилница за дрвена амбалажа од отпадоците од струготината. [4]

Фабриката за лупење ориз, сопственост на фамилијата Трпчановски, била со капитал од 400 илјади динари и со 36 работници, Пиварницата - Скопје со капитал од 6.273.326 динари и 547 работници, фабриките “Глорија” со капитал  од 400 илјади динари и со 34 работници, “Биљана” и “Факир” со капитал од два милиона динари и со 66 работници, “Европа”( нема податоци за капиталот, но со 35 работници ) и други. [5]

Индустриско претпријатие Парна пиварница во Скопје било основано во 1922 година. Основачите на ова претпријатие биле двајца Чеси, инженерот Виктор Цајс, сопственик на Машини и железни конструкции Цајс - Мајзл во Белград и Карел Хусник, директор на Прашката кредитна банка во Белград.

 

17.10. Реклама за Парната пивара во Скопје

 

Македонскиот јачмен не бил најдобрата суровина за производство на пиво. Што се однесува до хмелот, тој во најголем дел се увезувал од Чехословачка. [6] Скопското пиво од 1925 година па сé до Втората светска војна било пласирано во Ниш, Куршумлија, Косовска Митровица, Андриевица, Подгорица.  Во Македонија, главни консумативни центри на пиво биле Скопје (23,8% од целокупното производство), Битола (15% ),  Куманово (5,8% ) , Прилеп (4,8%), Велес (4,4 %) итн. [7]

Друг автор наведува уште неколку претпријатија во овој период, меѓу кои Фабриката за сапун за перење на Тодор К. Гребенаровиќ, фабриката за ароматични сапуни и сапуни за перење “Леон” на Милан Петровиќ, фабриката за чорапи и смирненски килими на Генералното трговско А.Д., Хромните рудници на Браќата Алатини Моис Асео, фабриката за мраз, Металната индустрија на Тохол и Гавриловиќ за производство на железен и лимен мебел, како и фабриката за иста намена на Миодраг Ѓуриќ и Петар Поповиќ,  фабриката за коњак и ликер “Лиза” на Таса Поп Антовиќ и Синовите, фабриката за макарони, кекси и други тестенини на Милан Илиќ, фабриката “Срборит” - прва српска фабрика за производството на асфалт и катрански производи, првата  фабрика за чадори за дожд и сонце К.Д.”Косово”, парната перална “Чистота” на Мина Божиновиќ, фабриката за млечни производи на  Адонаќи Корнети, Парната млекара “Вардар” на Млекарската задруга Душановац-Скопје, Моторната пржилница на кафе и кафени сурогати на Крум Д. Бабамовиќ и други. [8]

Во Скопје постоела и фабрика за преработка на овошје и зеленчук. Индустриското претпријатие за конзервирање на зеленчук и овошје “Мичурин” било основано во 1937 година. До Втората светска војна ова претпријатие било познато под името Фабрика за конзерви и тестенини “Факир”. Со производство на тестенини (претежно макарони) ова претпријатие се занимавало само првата година, но поради комерцијални причини, престанало со работа, а машините ги продало на фабриката за макарони “Глорија” во Скопје. Во 1939 година, активноста на претпријатието се сведувала единствено на конзервирање зеленчук и овошје, како и на правење мармалад.

Основачи на ова претпријатие биле Сретен Костиќ, кој до Првата светска војна живеел во Софија и таму се занимавал со меѓународна трговија и со други дејности. Познавајќи ја добро конзервната индустрија, тој решил да отвори такво претпријатие во Скопје, каде што оваа индустрија била слабо развиена, а имало зеленчук и овошје. Сретен Крстиќ се поврзал со банкарот Миле Крстиќ од Сурдулица и со скопскиот трговец Борис Шолаков и го основале претпријатието. Миле Крстиќ во понатамошната работа  со браќата Божилови од Софија, сопственици на големи фабрики за конзерви во Бугарија, склучил спогодба според која извршил фиктивен пренос на сопственоста на ова претпријатие на Браќата Божилови.

Главни производи на фабриката биле: доматно пире, конзервиран зеленчук во кутии,  компот и мармалад, нулп и марк (нулп е полуфабрикат, маса од овошје, цело или преполовено, конзервирано со хемикалии, со можност да се чува одредено време за производство на мармалад, а марк е преварена пасирана маса од овошје и се употребува за правење џем) [9] .

Од сето ова се гледа дека индустријата во Скопје ја претставувале релативно голем број ситни претпријатија од локално значење, а само мал дел од нив имале регионален, односно општојугословенски карактер.

Инвестираниот капитал  бил акумулиран  главно од домашни средства  од трговијата и занаетчиството кои се прелевале  во индустријата,  со сосема незначително  учество на банкарски  капитал.

Во наведениот период индустријата имала занаетчиски карактер, а релативно богатата суровинска база и објективните можности за нејзиното широко користење, биле зависни од суровини и полуфабрикати од соседните и подалечните земји. Сепак, градот, без оглед на условите, се развивал релативно брзо и прераснал во крупен економски центар на Балканот со развиена индустрија и трговија.

Да проследиме неколку сведоштва на наследниците на првите индустријалци во Скопје.

 

Првата фабрика за бомбони  “Европа” била сопственост на Теохар Икономов и Пане Димитров. Теохар Икономов од Штип (каде работел како учител)  во 1870 год. се доселил во Скопје.  Во 1875 год. отворил работилница за преработка на бомбони која подоцна прераснала во фабрика .

Во 1890 год. се оженил со Розина, по потекло Италијанка, ќерка на инженер кој работел на пругата Скопје-Велес-Солун. Розина и Теохар имале три ќерки, Викторија, Калина и Нада и пет синови, Дончо, Александар, Константин, Ѓорѓи и Иван.

Теохар ја наследил работилницата од некој Ерменец кој немал деца.  Теохар во работилницата го учел занаетот  и по смртта на Ерменецот ја наследил. Таа се наоѓала кај Даут Пашиниот амам. Синовите Дончо и Александар работеле во фабриката.  Подоцна, Теохар се заортачил со Пане Димитров и работилницата ја прошириле во фабрика “Европа”, која пред Втората светска војна броела 30 работници. До работилницата имало и продавница каде што се продавале производите како и  пијалаци и слатко во тегли.  Од работилница за бомбони, вафли и локуми,  таа прераснала во голема фабрика со асортиман од преку 30 производи. Машините биле набавени од “Пионир”- Суботица  и од Германија.

Производите ги пласирале во цела Македонија, Србија, а ги пренесувале со мали комбиња или со воз. Сите деца на Теохар биле школувани. Константин завршил Трговачка академија и работел во Народната банка, Ѓорѓи завршил фармација во Загреб, а Иван дипломирал на Природно-математичкиот факултет- отсек биологија во Белград. [10]

 Првата  бонбонџилница на семејството Жунгулови  се наоѓала спроти железничката станица, а потоа Пане и Генадие  Жунгулови  отвориле бонбонџиски дуќани- гостилници во старата чаршија. Фирмата “Жунгул” почнала со работа во 1918 год. и најнапред се наоѓала во чаршијата, под Даут Пашиниот амам. Во нивна близина била и работилницата “Европа”. Овие  две  работилници биле конкуренти.

Работилницата имала машини и казани од бакар со шамотни цигли за правење  локум,  каде што  се топел шеќерот кој потоа се обработувал со валјаци и се ставал во калапи за бомбони кои биле направени од месинг во браварската работилница на Димче која се наоѓала кај Мала станица.  Локумот се лиел во дрвени калапи.

Во работилницата работеле таткото Живко со браќата Кузман и Димитар, два работника и еден мајстор. Асортиманот се состоел од бомбони, чоколади и локум “Жунгул 305” , а произведувале и мали чоколади со сликички на Мики Маус и Шиљо и шеќерни табли. [11] Пане Жунгулов ја водел работата во работилницата за бомбони сé до неговата смрт во 1935 год. Синот Живко во 1928 год. се вратил од војска,  завршил Трговачка академија  и ја преземал работата.

  

17.11. Меморандум од ф-ката за шеќерни производи на “Браќата Жунгулови” со асортиман на нивни производи и оглас за новите “Рекорд” чоколади, МГС

 

17.12. Хартиена амбалажа за шеќерни производи на Пане Жунгулов, МГС

 

17.13. Ценовник на производите на работилницата за шеќерни производи на “Браќа Жунгулови”, МГС

 

Фабриката за сапун “Аеро” била сопственост на Стојко Стојановиќ.

Стојко Стојановиќ потекнувал од Ристовац,  Бујановачка околија. Живеел во многучлено семејство, во голема беда и неподносливи услови за живот, поради што бил приморан на млади години да го напушти семејството и да замине во Кленовец- мало место близу Бујановац. Таму го изучил шивачкиот занает и работел како чирак. Стојко заработил машина за шиење и со деноноќна работа, која во прво време му обезбедила само гола егзистенција, а подоцна и нешто имот, тој се преселил во Бујановац.

Градот Бујановац во тоа време овозможувал добар живот бидејќи бил развиен трговски центар и еден од најбогатите градови на југот на Србија. Таму живеел со својата жена Васка и со синот и ќерката. По смртта на сопругата, тој се преженил и добил уште едно машко дете. Во Бујановац живееле до крајот на Првата светска војна кога Стојко со фамилијата и со стекнатиот имот се преселил во Скопје. Во тој период трговците од Бујановац  гравитирале кон Скопје како перспективен град.

 По преселувањето во Скопје, семејството Стојановиќ се населило во една куќа под кирија во Пајко маало. Трговците од Бујановац формирале трговско друштво “Бујановачка компанија” во која членувал и Стојко. Таа компанија немала долг век, па по нејзиното распаѓање Стојко продолжил со самостојна работа. По извесно време се здружил со Милан Илиќ кој бил сопственик на фабрика за макарони (сегашна “Глорија”) и еден од сопствениците во фабриката за цемент “Лепенец”, во Генерал Јанковиќ. И ова ортачење траело кратко и Стојко продолжил самостојно да се занимава со трговија. Првиот дуќан му бил кај Куршумли Ан, каде што се наоѓал центарот на трговијата во Скопје. Со ширењето на чаршијата и нејзиното спуштање кон Вардар, Стојко се преселил во нов дуќан на Серава, а третиот дуќан  бил во дворот на црквата Св. Димитрија. Последниот дуќан се наоѓал пред Даут Пашиниот амам, каде што имало и други  трговски дуќани.

Околу 1925 год. Стојко дошол на идеја да се здружи со мајстори од Врање кои произведувале сапун на примитивен занаетчиски начин. Идејата ја добил поради тоа што тука не се произведувал сапун, а потребата за него била голема.

Во прво време,  сапунот се произведувал во Врање од страна на браќата Јован и Стефан Стефановиќ со кои Стојко се заортачил. Стефан завршил хемиско училиште во Марсеј  каде што се запознал со технологијата на правење на сапун и бил способен, по хемиски пат да направи подобар сапун од дотогаш најзастапениот “ѓирит” сапун. “Ѓирит” сапунот се произведувал во Грција од отпадоци од маслинов зејтин. Имал темно-зелена боја, а се произведувал во неправилни рачно исечени калапи. Се продавал спакуван во вреќи, а го продавале и на мерење, па дури имало и калапи од 70 гр. наменети за сиромашните кои немале можност да купат  повеќе.

Стојко со ортаците почнале да произведуваат “Марсејски” сапун кој по квалитет бил подобар од “ѓиритот”, се сечел машински  и имал сопствен жиг. Стојко во периодот  1926/27 год.  го продавал сапунот во Скопје.  Тој го носел сапунот во чанта и им го нудел на трговците. По целодневната продажба, на синот Тодор му диктирал сметки и правел  фактури за тоа  што било продадено дента  и ги испраќал во Врање.

За кратко време продажбата на сапун се развила, благодарејќи на големите пријателски врски на Стојко со трговците од цела Македонија. За муслиманите се произведувал специјален бел сапун во кој тие стекнале доверба, бидејќи се плашеле дека другите сапуни, особено “ѓиритот” се прават  од свинска маст. Белиот сапун Стојко и ортаците го правеле по лиценца на грчки сапун кој муслиманите претходно го купувале. Сапунот го произведувале во Врање, а го продавале како грчки. Го складирале во Скопје во фабриката за текстил на Јован Костиќ која се наоѓала кај денешен “Алкалоид”.

Бидејќи продажбата на сапун се зголемила, Стојко одлучил да отвори фабрика во Скопје, бидејќи примитивното производство на сапун во Врање веќе не можело да го задоволи пазарот во Македонија. Така, Стојко купил една нива од 4000-5000 м2 во Кисела Вода, а подоцна со сукцесивно купување, неговата земја се зголемила на 20. 000 м2. На првиот купен плац Стојко ја изградил фабриката “Аеро” ( денешен “Цветан Димов”), се набавиле инсталации и почнало пошироко и помодерно производство. Кога фабриката почнала со производство, ортаците од Врање се преселиле во Скопје. Помладиот Стефан изградил куќа близу до фабриката, а Јован направил куќа кај Францускиот конзулат,  покрај кејот до  театарот.

За потребите за пакување на сапунот,  тие набавиле  триесетина разбои на кои се ткаеле јутани вреќи  кои освен тоа што ги употребувале за пакување на сапунот  и ги продавале. Во прво време имале околу 10 работници кои биле префрлени од Врање, бидејќи тие ја познавале технологијата на производство. За нив биле изѕидани 2 куќички до фабриката. Во нив живееле 8 фамилии и секоја од нив имала соба, кујна и претсобје со посебен влез.

Кога работата се проширила, се зголемил и бројот на работниците и со девојчињата кои работеле на разбој, вкупно броеле 120 работници. Тоа била угледна и значајна фабрика за Скопје и за Македонија во тоа време. Во фабриката “Аеро” пак, асортиманот бил голем, произведувале “ѓирит” сапун,  “марсејски” сапун во коцки со жигови, пакуван во сандаци, бел сапун,  разни тоалетни-парфимирани сапуни и др. Суровините се набавувале во Далмација како остатоци од масни киселини при производството на зејтин, спакувани во буриња. Масни киселини се увезувале преку Лондон, Ротердам, Хамбург и сл. Речиси сите  артикли биле берзански,  па затоа се увезувале преку берзата во Лондон. Стојко оттука испраќал телеграми со потребните артикли и количини, а плаќал со акредитиви. Хемикалии се увезувале преку Германија, а парфеми од Грас, Франција. Картони и хартии се купувале од Словенија, во мали количини. Тодор Стојановиќ бил комерцијален директор во фабриката, додека неговиот татко Стојко ги продавал сапуните во специјализираниот дуќан спроти Даут Пашиниот амам. Тодор бил запишан на студии за  надворешна трговија во Виена и на право во Белград, меѓутоа, најголем дел од студиите го поминал во Скопје бидејќи морал да ја врши функцијата на технички директор. Факултетот по надворешна трговија го завршил во 1933 год., а правниот во 1934 год. По дипломирањето, тој останал на истото работно место. Неговиот помал брат  студирал хемија во Хамбург, со цел да произведува сапун по хемиски пат. Во 1940 год. фабриката ги пласирала  производите:  зелен сапун “Аеро”, зелен сапун “Теразије”, зелен сапун “1906”, жолт сапун “Теразије” или “Чаша”, бел ѓирит “Аеро”, “Аеро” за раце во картони, минерален “Аеро”, лимон рефус сапура и прашок за перење “Шампион”.

Бидејќи фабриката “Аеро” претставувала ретко модерна и современа фабрика за тоа време, често во неа се организирале посети од ученички групи. Во тие прилики, Тодор Стојановиќ бил водич низ фабриката покажувајќи им ги на учениците фабричките машини и начинот на производство. Кога завршувала посетата, секој ученик добивал по едно калапче сапун.

Покрај бројните обврски во фабриката, друштвениот живот на младиот Тодор Стојановиќ бил многу богат. Тој одел на нова премиера во театар секој вторник со своите другари. Дури и се дружел со некои глумци од театарот, а особено го памети глумецот Раша Плавовиќ со кој често водел долги разговори во ноќниот клуб под денешен “Метропол”. Одел и на кино, а особено ги посетувал предавањата во Народниот универзитет каде што  ги собирал сите информации кои на друго место не можеле да се чујат. [12]

 

17.14. Фамилија Стојановиќ  во 1920 год., МГС инв. бр. 4695

 

Во индустрискиот дел на Скопје, далеку од суровинската база, ортаците Ѓорѓи Трпчановски  и Никола Ефтимов, во 1938 год., формирале претпријатие за лупење на ориз и гершла.

Причината за формирање на ова претпријатие пред сé  била во  тоа што јужно од Белград не постоела друга фабрика, а освен тоа тие сакале да увезат арпа (нелупен ориз) од Египет, чии цени по лупењето биле многу пониски од цената на увезениот италјански ориз. Меѓутоа, бидејќи меѓу Кралството СХС и Египет не била воспоставена клириншка размена, оваа комбинација пропаднала и претпријатието своето производство го базирало на домашни суровини, форсирајќи го лупењето гершла. Лупилницата била снабдена со нови машини за лупење ориз од Германија, а машините за лупење на гершла биле купени на старо. Во 1940 год. произвеле 470.000 кг излупен ориз  и 65.000 кг  гершла.

Погонот на претпријатието се движел на електрична енергија добиена од градската електрична мрежа. За таа цел погонот располагал со 3 електромотори со јачина од вкупно 36 коњски сили. Технолошкиот процес на претпријатието бил прилично рационализиран и автоматизиран, така што во претпријатието биле вработени малку работници. Во 1940 год. имало 7 работници. Во состав на  лупилницата постоела и   мелница за мелење на брашно со погон на електрична енергија. Мелницата располагала со електромотор од 70 коњски сили.

Тие поседувале и работилница за производство на мраз која била во состав на мелницата и сите овие претпријатија биле под заедничко име “Трпчановиќ и Јефтимовиќ”. Тие се наоѓале во денешна Автокоманда,  спроти црквата Св. Аранѓел. [13]

 

17.15. Ѓорѓи Трпчановски и Никола Јефтимовиќ, МГС инв. бр. 4592

 

 Фамилиите Димитрови и Рибареви биле едни од најугледните кожари во градот, како и основачи на текстилната фабрика “Вардар”.

По доаѓањето во Скопје, Панко се вработил како чирак кај папуџиите во Одларе, (улица на папуџиите  која се наоѓала спроти денешната стоковна куќа “Илинден”). Во визбите на Одларе, чираците ги изработувале папучите, а во дуќаните газдите ги продавале.

Вредниот Панко брзо го изучил занаетот и по неколку години, од заштедените пари си купил сопствен дуќан во Одларе. Во почетокот дуќанот бил кожарски, се правеле кожи, ѓончиња, пенчиња. Многу брзо се развил занаетот, а се развила и трговијата со кожи што  се набавувале од Сараево, Ниш, а крокодилски кожи се купувале од странство. Според преданијата кои се пренесувале од колено на колено, прв од семејството Димитрови, Панко Димитров се доселил во Скопје во 1870 год., од скопското село Дивље.

Панко и неговата сопруга Петкана имале пет сина и две ќерки: Ѓорѓи, Димитрие, Александар, Јордан, Благоја, Ленка и Милка. Сите деца завршиле основно училиште, а машките продолжиле во Трговачка академија. Најмалиот син, Благоја, се школувал во Загреб на Факултетот за економија и бил прогресивен младинец.

 Тие започнале свој бизнис и во партнерство со Шекеринови и Рибареви ја изградиле фабриката за платно “Вардар”.

 Фамилијата Рибареви се занимавала со  трговија  која била развиена уште во периодот на турското ропство, а се одвивала со Санџак, Косово, Грција, а преку Солун со цела Европа, Франција, Австрија. Се занимавале со трговија на кожи, материјали за чевли, шевро, бокс, ѓонови, а тргувале и со памучни ткаенини. [14]

Во 1937 год. било основано претпријатието “Текстилна индустрија Вардар” од страна на Димитар-Димче Рибарев заедно со Никола Шекеринов и Ѓорѓи Димитров, сите кожарски  трговци од Скопје.

Претпријатието било изградено во индустрискиот дел на градот на патот Скопје- Куманово. [15]


 

[1] . Alla Ka~eva," Tradicionalnata prerabotka na ko`a vo Skopje", Etnolog br.4-5, Skopje 1994, 153-155.

[2] . Kosta Sidovski, "Razvitokot na industrijata...", 109-110.

[3] . Isto,174-179.

[4] .Kosta Sidovski,"Razvitok na industrijata na teritorijata na dene{na SR Makedonija vo periodot me|u dvete svetski vojni(1918-1941)", Skopje 1980 , 185-188.

[5] . Borislav Blagoev, Monografski materijali..., 22-27.

[6] Borislav Blagoev, Parna pivarnica "Skopje", "Monografski materijali za ra|aweto i razvitokot na industrijata vo Makedonija", Skopje 1979, 83-93.

[7] Isto,  93.

[8] . Mil.P Gavriloviћ, "Privreda Ju`ne Srbije...", 107-112.

[9] Borislav Blagoev, "Monografski materijali za ra|aweto i razvitokot na industrijata vo Makedonija", Skopje 1979 , 65,67.

[10] Bane i Ubavka Anxeli}, se}avawa, terenski istra`uvawa vo 1996 g.

[11] Ratko @ungulov, se}avawa, terenski istra`uvawa vo 1995 g. 

[12]   Todor Stojanovi}, se}avawa, terenski istra`uvawa vo 1995 g.

[13] Elena Trp~anovska,ce}avawa, terenski istra`uvawa vo 1995 god.

[14] Trajko Ribarev, se}avawa, terenski istra`uvawa vo 1995 g.

[15] Sidovski Kosta, "Razvitok na industrijata na teritorijata na dene{na SRM vo periodot me|u dvete svetski vojni (1918-1941 god.)", Skopje 1980 , 90 -91.