Трговијата
и трговските врски во Скопје меѓу двете светски војни |
Актуелноста на
трговијата и трговските врски на Скопје во спомнатиот период,
третирајќи ги од етнолошки аспект, е мошне значајна со оглед на тоа
дека тие директно влијаеле и придонесувале за елементарната
егзистенција на бројното население на градот и околината, а и
пошироко.
Со проучувањето на
трговијата може да се следи улогата на тие врски во економскиот
просперитет на градот. Во минатото, трговијата во Скопје не се
одликувала со некаква традиционалност како стопанска гранка, а
скопските трговци биле самоникливи и без посебни традиции и што е
најважно, тие биле без стручна трговска подготовка и култура. Ова,
се разбира, не се однесува на оние трговци кои трговското
образование и пракса ги стекнале надвор од Скопје - во Солун,
Софија, Белград, Виена, Париз, Лондон итн.
Според проучувањето на
голем број архивски документи, литературни извори, регистарски
трговски и еснафски тефтери, како и регистрирањето на бројни усмени
кажувања на постари жители на Скопје, се доаѓа до заклучок дека иако
Скопје во различни историски периоди не бил голем град, неговите
трговски врски биле доста јаки, а самиот град бил транзитно седиште
со голем промет и размена на индустриски, занаетчиски, земјоделски и
други трговски артикли пренесувани од далечни места, предели, земји.
За процутот на
трговијата во Скопје најмногу придонела поволната географска положба
и добрите сообраќајни врски.
|