Во 1928 година во
Скопје постоеле пазари што биле останати од минатото. Сепак,
градските власти издвоиле средства за изградба на уште два
непокриени и два покриени пазари, како и на еден центар за
продавање добиток - Добиточен пазар, лоциран покрај модерната
кланица. Пазарната такса се наплатувала според единствена тарифа,
одобрена од Министерството за финансии, а годишниот закуп чинел
750.000 динари.
Скопје во периодот 1918
- 1941 година бил главен снабдувачки центар кој со својата развиена
трговија и добра транзитна положба снабдувал голем број поблиски и
подалечни градови и села со домашни и увозни артикли.
Помеѓу двете светски
војни во Скопје постоеле пазари кои се нарекувале според стоката што
таму се продавала: Ат-пазар (за сено, слама, тркала и прибор за
кола), Којин-пазар (за ситен добиток), Ајван-пазар (за крупен
добиток), Пастрма-пазар (за суво месо - пастрма од коза и овца),
Тереќе-пазар (за жито), Јаг-пазар (за масло и слично),
Зарзават-пазар (за зеленчук). Покрај овие пазари постоел и
Арпаџик-пазар (за ситен кромид за садење - арпаџик) кој не се мешал
со другите зеленчуци, Чумлек-пазар (за сирење, урда, млеко),
Тенекеџи-пазар (за продавање на лимарска стока), Лал'н-пазар (за
налани и други изработки), Јемиш-пазар (за овошје), Волна-пазар (за
волна и волнени изработки), Бал'к-пазар (за сува риба) и други.
На одредени места на
Бит-пазар се продавале асурци (рогожи), а имало и уште Базарџан (за
ситнурија), Кари-пазари или Женски пазар и слично. Пазарни денови во Скопје, кога доаѓале најмногу продавачи, биле
вторник и помалку во петок и понеделник.

15.6. Пазариштето пред
Алаџа Џамија, МГС инв. бр. 144

15.7. Дел од Бит Пазар
каде што се продавале земјоделско-прехранбени продукти. На
фотографијата се гледаат жени во народна носија од Скопска Црна Гора,
МГС инв. бр. 267
Во разни периоди
скопските пазари изгледале различно. Во 1931/32 година се забележува
опаѓање на животниот стандард на населението, кога и пазарот
изгледал поскромно:”... на пазарите во Скопје нема доволно
квалитетен зеленчук, јајца и пилиња кои се носат од Гњилане, зелка
од Куманово, кромид од Тетово, прасиња од Врање. Месото на скопскиот
Пазар е од низок квалитет..”
Секако дека овие зборови се само една епизода од животот во Скопје,
бидејќи имало и подобри времиња и побогати пазари за кои пишувале
голем број посетители, гости или патеписци во минатото.

15.8 Пазар во Скопје
каде што се продавале разновидни производи. На фотографијата се
гледаат грнчарски производи, МГС вл.бр 7820

15.9. Дел од Старата
чаршија во пазарен ден, МГС инв. бр. 132
На левата страна на р.
Вардар во Скопје имало три пазари и тоа: големиот Добиточен пазар во
Чаир, Бит-пазар и пазарот кај Валијата (кај денешната црква Св. Спас).
На десната страна на р. Вардар бил лоциран пазарот кај Артилериската
работилница. Најзначаен меѓу нив сепак бил Бит-пазар -вошлив пазар
кој по укинувањето на пазарот кај Валијата, станал уште позначаен.
|