Трговските врски
како културна еволуција во начинот на живеење и материјалните
промени |
Анализирајќи ја
структурата на увозните и извозните артикли во Скопје, се забележува
влијанието на трговијата врз промените во културата на живеење на
населението на Скопје и Скопско. Трговијата и трговските врски
највеќе влијаеле врз формирањето на граѓанската класа во овој
период, бидејќи под влијание на индустриското производство и
дејноста на скопските трговци, скопјани забрзано ги напуштале
старите традиционални форми на живеење и ги прифаќале новите.
Постојаните контакти на
голем број трговци, занаетчии и интелектуалци со развиените
европски и воневропски трговски центри, придонело за носење и
воведување на новитети кои духовно осиромашеното население ги
прифаќало и ги збогатувало своите секојдневни животни потреби.
Сепак, животот во
Скопје во секоја фамилија се менувал на свој начин. Побогатите
увезувале покуќнина за своите домови од странство, додека
посиромашните употребувале домашно изработени производи. Секако,
изгледот на скопската куќа целосно се променил по углед на
западноевропските куќи.
Трговијата одиграла
огромна улога и во облекувањето на граѓаните. Облеката направена од
разновидно домашно ткаено платно постепено била заменета со облека
од индустриското платно. Во градот забрзано навлегувала модата во
облекување од Запад (а ла франга) и била прифатена независно од
возраста и етничката припадност. Антериите, џубињата, елеците и
слично се забележувале само кај постарите жители на Скопје. Во
Скопје се појавиле костуми и фустани донесени од големите трговски
центри, но и шиени по модели од модни списанија. Облеката била
шиена од увозни ткаенини кои во градот ги имало во изобилство.
Стовариштето “Базар Камхи” во Скопје, следејќи ја светската мода, во
градот го донел велурот од различна мостра, еднобоен и кариран,
различни завеси од штоф, кадифени гарнитури за салони (драперии и
чаршафи), креветски чаршафи од лен и кадифе, теписи од највисок
квалитет итн. Увезените производи биле со поголеми димензии, што
било новитет за градот. “Базар Камхи” на граѓаните им нудел и мушами
за маси, линолеум во секакви димензии за покривање на под и друго.
Електропретпријатието и
бирото за електромашински работи на инженерот Арам Пиосиан на
скопјани им нудело проектирање и изведување на сите електромашински
работи и стручни поправки на радиоапарати.
Електротехничкото
претпријатие на Боривоје Михајловиќ располагало со секаков вид
материјал за јака и слаба струја. Ова претпријатие било генерален
застапник на радиоапаратите Филипс.
Така, благодарејќи на
скопските трговци и нивните трговски врски, животот во градот многу
брзо се менувал и унапредувал. Тоа што пред извесно време се сметало
за луксуз, станувало секојдневие. Од сето ова може да се заклучи
дека трговијата и трговските врски одиграле голема улога во
натамошниот развој на градот Скопје, во формирањето на неговата
граѓанска класа и во промените во секојдневниот живот што
претставувало еден континуитет во културната еволуција на неговите
жители.
|