Надворешната трговија
играла значајна улога во развојот на градот. Трговците во Скопје
увезувале модерни производи за тоа време. Трговските врски со
странските држави биле поттикнувани и штитени од државата. Така, во
1930 година, д-р Јосип Мацан, вице-конзул, зел учество на Деветтото
годишно собрание на Трговско-индустриската комора на Кралството СХС,
одржано во Солун.
Обемната стоковна
размена со соседните градови и со подалечните земји (Босна, Србија,
Бугарија, Русија, Австрија итн.) значително придонела за економскиот
просперитет на Скопје. Со порастот на извозот на одредени производи, нивото на животниот
стандард во градот се менувало во позитивна насока. Така на пример,
вистинска пресвртница во скопското кожарство настанала со појавата
на индустриското претпријатие на Димче Вучидолов за преработка на
кожи и примената на машина на пареа и автоматско буре за
исплакнување на кожи донесени од Лондон во 1906 година. Со овие
новитети се променил и технолошкиот процес на обработката на кожи.
Кон крајот на 1920
година претпријатието покажало високи резултати.
Синот на познатиот
скопски кожар, Велко Вучидолов, спомнатиот Димчо, уште во првата
деценија на 20 век бил испратен од својот татко во Америка и Англија
со цел да се запознае со модерните индустриски претпријатија за кожи
и таму да се обучи. По враќањето во Скопје, сите донесени белешки и
документи ги користел во натамошното кожарско производство.
Во 1931 година Димче
Вучидолов имал тесни врски со внатрешноста на Македонија, со
соседните земји и со одделни кожари ширум Балканот и пошироко.
Уште во 1923 - 1925
година во Скопје постоеле агентурно - комисиони увозно-извозни
претставништва, како на пример на Аца Љ. Милошевиќ, Мустафа и Асео,
Стеван Наркачевиќ и Бирото на Тодор Ст. Еличиќ.
Освен наведените
агентурно - комисиони увозно - извозни претпријатија, во Адресарот
на трговските и индустриски претпријатија се забележани и бакалски работилници, бакалски дуќани, трговски салони итн.
Трговијата со тутун
била една од најзначајните. Во Скопје биле изградени четири огромни
згради што служеле исклучително за извоз на тутун.
Анализирајќи го производството и извозот на нашиот тутун,
претставникот на скопската Трговско-индустриска комора, Спиро Хаџи
Ристиќ, на конгресот на стопанственици, одржан на 3 и 4 септември
1927 година во Белград, ја образложил состојбата на тутунот во
Јужна Србија. Тој истакнал дека создавањето на голема Тутунска банка со седиште во
Скопје би дало можност за поседување на голем капитал
и дека овој капитал би бил потребен за натамошниот просперитет на
градот Скопје.
Како составен дел на
надворешната трговија во Скопје биле опиумот, афионот, памукот,
боровата смола и слично. Енергичниот и снаодлив Цветко Сајковиќ, од
Брезица се преселил во Скопје и ја монополизирал трговијата со
смоларски производи кои ги откупувал и продавал, па дури и ги
извезувал во странство. Цветко не дозволувал никаква конкуренција во
оваа дејност, а на смоларите им давал и аванс за сигурност. Кај него
во 1928 година цената на калофониумот била 3 динари за ока, а во
1929 - два динара, терпентинот 8 динари, а борината се продавала од
1 до 3-4 динари за ока. Со ваквите енергични и активни трговци трговијата во Скопје растела,
а градот се развивал.
|