Под овој вид трговија
се подразбира стопанската размена во однос на град - село и село -
град и град со град. Од околните села во Скопје биле носени селски
стопански производи, а во селата, од градот, се носеле алатки и
орудија за обработка на земјата и преработка на производите од
растително и животинско потекло, покуќнински предмети, храна (сол,
шеќер), газија, петролеј и друго. Селаните од Скопска Црна Гора на
пазар во Скопје носеле свои земјоделски производи. Така, од с. Глуво
се носело брашно, дрвени коли и двоколки; од с. Љубанци: масло,
сирење; од с. Бањани: вино, кромид; од с. Горњани: волна, сирење,
масло; од с. Побожје: овошје (јаболки, круши); од с. Мирковци: жито,
вино; од с. Бродец: дрвени греди и ќумур; од с. Кучевиште: лопати,
вили, коли, дрвени ковчези, брашно итн. Иако овие податоци се од почетокот на 20 век, помеѓу двете светски
војни асортиманот на скопските пазари од овие села останал
непроменет.
Етнолошките истражувања
во овие села во последните години, покажаа дека трговијата меѓу
Скопје и селата од Скопска Црна Гора и во денешно време се одвива
интензивно, само на поинаков начин и со помош на современи методи и
превозни средства, додека во селата сé уште во употреба биле некои
стари алатки и орудија за обработка на земјата или направи за водење
на сточарството.
На периферијата на
Скопје животот се одвивал според непишани правила: тука населението
се занимавало со земјоделство за градското население да се обезбеди
со свежо овошје, зеленчук итн. Во подножјето на околните планини и
брда, главно се одгледувало жито и лозја. Црното скопско вино било
надалеку прочуено по својата густина па дури можело да се носи во
шамивче.
Во 30-тите години на 20
век Скопје бил голем пазар на жито, тутун, опиум, волна, кашкавал,
брашно, злато, сребрени и златни предмети, мебел, сапун, масло за
јадење, ориз, памук, зеленчук и овошје. На скопските пазари била пласирана најразновидна стока од околината
на градот.
Селаните понекогаш на
пазар ги изведувале и своите ќерки за тие да бидат забележани од
некое момче. Продавачките од скопската околина не секогаш биле
задоволни од пазарот.
Многу често,
трговците, дури и најкрупните, се занимавале и со земјоделство,
обработувајќи некое парче земја. Тоа значело дека некои од нив не
се откажале од земјоделството и сé уште не биле издиференцирани како
исклучиво трговски слој.
За развојот на градот и
на трговијата секако придонесувале и селаните земјоделци и сточари
во околината на градот.
|