Занаетчиството во Скопската чаршија |
Во почетокот на 19 век,
по политичките и економските настани во Турското царство, Скопје
постепено почнало да излегува од рамките на турско-арнаутски град.
Со сé поголемото населување на христијани од селата во Скопје во
почетокот на 19 век, градот станал значаен занаетчиски и трговски
центар со голем промет.
Во 19 век
занаетчиството било во полн процут. Кон крајот на 19 век, врз основа
на еснафската поделба помеѓу занаетите, бил организиран и самиот
простор на Чаршијата, така што еден занает или неколку помали сродни
занаети заземале една улица или еден блок. На тој начин се формирале
засебни чаршии. На пр. Бакалската чаршија била групирана на улицата “Белградска” во состав на Покриената чаршија. Таа била една од поголемите чаршии.
Кафтанџиската чаршија била една од најјаките и најстарите чаршии во
Скопје. Демирџи (железарска) чаршијата се наоѓала наспроти
Куршумли-ан. Чарук (опинчарска) чаршијата се надоврзувала на Демирџи
чаршијата. Казанџиската чаршија се наоѓала на ул. “Караорман”.
Туфекџиската (пушкарската) чаршија се надоврзувала на Казанџиската.
Ибрикџиите биле групирани во претходните две чаршии. Кафтанџија бил
занаетчија што изработувал и продавал старовремска облека, а зборот
кафтан значел стара машка облека- долго палто. Кафтанџиите биле
организирани во најголем еснаф, а занаетот бил најзначаен во Скопје.
Кафтанџиската чаршија била сместена во Покриената чаршија. Таму се
продавале минтани, елеци, антерии, шалвари. Постоеле и Јорганџиска,
Ковачка чаршија, Папуџиско одларе кое се наоѓало јужно од Капан-ан,
Ќурчиска чаршија која се наоѓала околу Ќурчи-ан, Чибукџиска која го
заземала просторот до казанџиите итн.
Изучувањето на старите
занаети и воспитувањето на занаетчискиот подмладок било тесно
поврзано со општествената положба на занаетчиите и една од функциите
на еснафската организација. Занаетчиите земале ученици кои ги
изучувале занаетите од 5 до 10 години. Понекогаш рокот на учење на
занаетот бил и подолг, во зависност од специфичноста на занаетот
што требало да се совлада. Кога младите занаетчии почнувале да го
изучуваат занаетот од мајсторот ги добивале сите потребни алати за
работа. Секој познат занаетчија морал да обучи еден од синовите.
Тоа придонело одделни занаети по традиција да се пренесуваат од
колено на колено. На тој начин се создале цели занаетчиски фамилии,
на кои името на занаетот како прекар , со текот на времето им
преминало во фамилијарно име, односно презиме (
на пр. Калајџиеви).
Во овој период во
Скопје постоеле 1528 дуќани, со 1528 мајстори-сопственици, 2318
работници и 956 ученици.
M. Konstantinov, Z.Delinikolova, Zanaet~istvo i zanaet~iski
organizacii, "Etnologija na Makedonija", Skopje 1996 ,65-81.
|