Речиси сите дуќани биле
отворени кон улицата. Подот бил подигнат над нивото на улицата.
Доколку дуќанот немал визба, под подот имало празнина слична на трап
која се нарекувала чумурлак. Дуќаните се затворале со
ќепенци. Долгиот ќепенец на прозорците се спуштал со конзоли кои
претставувале продолжение на гредите кои го држеле подот, а се
потпирал на вертикално поставени столбови. Горните капаци се кревале
кон стреата за која се закачувале со железна кука прицврстена на
роговите на покривот. Дуќанот се затворал со вовлекување на
попречната греда во специјално за тоа направени железни лежишта.
Површината на дуќаните била различна, а се движела од 4 до 8 м2 која можела да биде и поголема, а ретко помала. Висината на дуќаните
во една улица била иста и се движела до 3 м, а покривот изгледал
како да покрива една зграда.

14.3. Дуќаните во
чаршијата, помеѓу двете светски војни, МГС инв. бр. 255
Според типот на работа,
дуќаните можеле одзади да имаат и по уште една просторија (казанџии,
мумџии, ковачи и др.) Трговските дуќани одзади имале магацин , а
покрај приземјето и просторија на кат. Магацините биле градени од
солиден материјал со железни врати и прозорци. Во некои дуќани, горе
имало и просторија која служела како работилница до која се
искачувало по многу стрмни скали.
Посебен тип на дуќани
биле берберниците, налбатите, ахчилниците и фурнаџиите, со тоа што
во средината имале врата, а од страните прозорци.
Занаетчиите работеле
пред минувачите во своите мали дуќанчиња, седејќи со скрстени нозе
на ќепенец или на рогозина.
Работното време во
чаршијата било 12 часа. Оние занаетчии чија работа била поврзана со
годишните времиња (ќурчии, кожувари), во работната сезона работеле
од 16 до 18 часа. Некои занаетчии незавршената работа ја носеле
дома да ја довршат (абаџии, чизмаџии, папуџии и др.).
Во текот на ноќта
чаршијата ја чувале чувари - пасванџии. Нив месечно ги плаќале
занаетчиите и трговците - сопственици на дуќаните.
|