|
По завршувањето на
Првата светска војна, во Скопје, поштенскиот сообраќај се состоел од
извршување на основните поштенски работи.
Централната градска
пошта била сместена во стара и дотраена зграда на улицата “Краљица
Марија” до пасажот Ароести. Поштата број 2 се наоѓала до Железничката станица и била сместена во
шупа. Условите за работа како и потребните апарати не ги
задоволувале потребите на градот кој постојано се зголемувал и
развивал.
Преку овие две пошти
дневно поминувале околу 2000 телеграми, 10000 писма, 600 парични
уплатници и сите други поштенски дејности. Во 1932 год., во Скопје имало 2100
телефонски претплатници со 570 телефони чии сопственици главно биле
дуќани, индустриски претпријатија и мал број семејства.
Во 1933 год. бил
изработен план за изградба на поштенска зграда на местото на старата
пошта на улицата Кнез Арсен, а со главната фасада свртена кон кејот
на реката Вардар. Изградбата на новата пошта не можела да започне
бидејќи тој план не одговарал на главниот регулационен план.
Во 1935 год. била
донесена дефинитивна одлука за изградба на палатата на Пошта и
телеграф во Скопје.
На 1 јануари 1939 год.
Поштата била пренесена во новата зграда. Палатата се наоѓала во
центарот на градот, зад Офицерскиот дом (на местото на денешната
Пошта). Поштата гледала на три улици: “Кнез Арсен”, “Принц Павле” и
“Цар Никола”.
Зградата зафаќала
површина од 2521 м2, а под покрив биле 2036 м2.
Вкупната висина на палатата изнесувала преку 30 метри. Фасадата на
зградата била во византиски стил, од цокле, до првиот кат со
вештачки камен и симс од вештачки камен. На аголот на улиците “Цар
Никола” и “Кнез Арсен” била поставена кула со часовник. Поштенската
палата располагала со 250 простории снабдени со најмодерни
инсталации на централно греење (парно, водено и климатско) што
овозможувало пријатна температура и во лето и во зима. Хигиената
била на високо ниво и овозможувала голема удобност. Во сутеренот на
палатата се наоѓала сопствена електрична потцентрала, котел за парно
греење, кабловски подрум и др.
Влезот во дирекцијата
на Пошта, телеграф и телефон се наоѓал на улицата “Цар Никола”.
Автоматската централа требало да биде на првиот кат. Монтирањето и
работата на автоматската централа започнале во 1940 год. Управата на
Поштата ги заменила старите телефонски апарати со нови во органите
на управа и кај другите претплатници. За таа цел почнало печатење на
нов телефонски именик, со новите броеви на телефонските
претплатници.

13.1.Употребата на
телефонот започнува во државните служби. Болничкиот економ
Радивоевиќ сликан во својата канцеларија во 1934 год., МГС инв. бр.
4619
Автоматската централа
имала 1500 броеви со можност за зголемување до 5000 нови броја. Во
богатите куќи телефонскиот апарат не бил непознат. Мал број на
семејства во своите домови имале телефонски приклучок, меѓутоа во
многу дуќани постоеле телефонски апарати.
На вториот кат била
сместена нова меѓународна телефонска централа, а на третиот кат
контролен оддел и телефонско-телеграфска-техничка служба. Тука била
сместена и телеграфска централа со Хјузова и Морзеова азбука и
апарати. На овој кат се наоѓале и простории за одмор на вработените
за време на дежурствата.
Целокупната дневна
приемна телеграфска, поштенска и телефонска служба, освен пакети, се
вршела во главната шалтерска сала со влез на улицата “Кнез Арсен”.
Влезот бил импозантен, изграден со архитектонски сводови со шест
скали од гранит. Ѕидовите биле обложени со мермерни плочи. Целата
шалтерска сала имала убав декор, подот бил изработен во мозаик, а
ѕидовите со вештачки и природен мермер. На средината се наоѓал пулт
со седишта за одмор и места за пишување. Десно од главниот влез,
водел спореден влез со шест модерни телефонски кабини, каде што се
вршела пријава и одјава за телефонски разговори. Во ходникот бил
сместен и радио-оддел.
Работата на Поштата
завршувала во 18 ч. По тоа време, од влезот на улицата “Кнез Арсен”
странките можеле да вршат телефонски и телеграфски услуги, а до 21
ч. и да се предаваат препорачани итни пратки. Во новата зграда
постоеле два лифта, а сите простории биле наредени со буков паркет.

13.2. Ентериерот на
новата пошта во Скопје, сликани одборници, МГС инв. бр. 4799
Со ваквата изградба и
опременост на поштенската палата градот добил можност за побрз и
поефикасен поштенски сообраќај, а со тоа се зголемил и бројот на
претплатниците.
Вработените во Поштата,
поштенско-телеграфските службеници биле организирани и воделе богат
друштвен живот. Многу често во весниците се пишувало за успешните
поштенски забави што биле организирани во Поштенскиот дом.
|