Градот Скопје бил
крстопат на трговскиот промет со сите земји, заради добрата
поврзаност со колски, автомобилски и железнички патишта со цело
Повардарје и Поморавје, како и со средноевропските, балканските и
европските земји. Во периодот меѓу 1918 и 1941 година, покрај
железницата и автомобилските патишта со кои биле поврзани важните
центри на тогашна Јужна Србија - Велес, Прилеп, Битола, Охрид,
Гевгелија, Косовска Митровица, Приштина, Вучитрн, Урошевац, Тетово,
Гостивар - Скопје претставувало и важна станица за воздушниот
сообраќај, како на север, со Белград, Загреб и Виена, така и на југ
со Солун, но и за англискиот сообраќај меѓу Лондон и Индија. Покрај
ваквите комуникации, Скопје станало центар на економскиот живот на
Југот ( во кралството СХС).
По Првата светска војна,
Македонија претрпела големи штети кога, поради немање сообраќај,
стопанскиот живот бил замрен. Скопје и Битола биле најуспешни во
заложбите покрај колскиот и железничкиот да се воведе и друг вид
сообраќај-автомобилскиот.
Патиштата кои биле
наследени од Турците биле макадамски калдрми, главно многу оштетени,
поради што отпочнало нивно обновување по војната, со поплочување на
градските улици со модерна калдрма. Само Скопје и Битола имале
калдрма од соодветни камени коцки. Подобрувањето на сообраќајните патишта било предизвикано од брзиот и
полн со динамика живот на Скопје како еден голем град. Треба да се
истакне дека постанокот и напредокот на една населба секогаш бил
условен од поволниот сообраќај.
Во периодот меѓу двете светски војни, во Скопје имало 370 улици. Тие
улици биле и негови сообраќајници и негови стопански и трговски
артерии, и негови спојници со одредени делови-предградија и нови
населби. Градот, во правец север-југ (Чаир-Водно) се протегал во
должина од речиси 4 км, а во правец запад-исток, од големиот парк
кај Учителската школа па до новите гробишта (кај храмот на Славата),
исто околу 4 км. Тоа било речиси еден час умерено одење. Во однос на
градскиот сообраќај во Скопје имало многу малку сообраќајни превозни
средства, а најмногу имало пешаци. Состојбата била таква од проста
причина што најголем дел од населението немало можност да поседува
или да користи други попрактични и брзи сообраќајни средства. Никаде
толку многу како во Скопје не се вршел пренос на стока на човечки
плеќи од страна на носачи-амали. Во 1930 година во Управата на
полицијата биле регистрирани 468 носачи(амали).
[3]
Друг
примитивен начин на превоз на стока бил со помош на арабаџиски коли
кои ги возеле арабаџии. Арабаџиските коли биле направени од дрво и
биле отворени, а ги влечеле коњи.
|