Јавната хигиена во
градот |
Јавната хигиена на
градот најмногу се огледувала во чистотата на неговите улици. Градот
Скопје од мала паланка по завршувањето на Првата светска војна,
постепено почнал да прераснува во град со европски карактеристики.
Со развојот на градот и хигиенските навики биле во постојан подем.
За хигиената на градот и неговите улици се грижела општината, а за
хигиената на дворовите и куќите се грижеле самите сопственици.
Поради големиот број на семејства кои живееле во една куќа и
сложеноста на нивните односи, честопати власта се мешала во овие
односи и пропишувала услови за одржување на домашната хигиена и
изнесување на нечистотијата од дворовите, особено од клозетите.
Во одржувањето на
градската хигиена Општината имала проблеми поради недостигот на
доволно работна сила, добиточна и моторна, како и материјал за
работа. Уличното поливање, особено во летниот период, како и
чистењето на прашината било ограничено, бидејќи се одвивало со
минимални средства.
За одржување на
чистотата во градот се грижела Чистачка колона.

9.1. Чистачка колона,
МГС инв. бр. 2121
За изнесување на
ѓубрето од градот биле пропишани и одредени такси, а од тие средства
била финансирана Чистачката колона.
Во 1921 год., според
просторот од каде што се собирало ѓубрето, биле одредени такси за
плаќање и тие изнесувале: за куќи со салон, спални соби, кабинети,
трпезарија и кујна, месечно по 150 динари; штали-коњушници,
говедарници, козарници: две грла 5 дин., од две до четири грла 10
дин., од четири до шест грла 15 дин.; шталското ѓубре го изнесувал
самиот сопственик со свои средства; дуќани 180 дин.; хотели, кафеани
150 дин.; анови-за коли и добиток 200 дин.; бањи 200 дин.; мелници
200 дин.
Со одлука на
Општинскиот одбор, Чистачката колона била ставена под управа на
Санитетското одделение. Освен што била задолжена за изнесување на
ѓубрето од градот, Чистачката колона била задолжена и за превоз на
општински градежен материјал, како и за насипување на патиштата на
периферијата на градот.
Во периодот од 1923 до
1926 год. Чистачката колона не ги задоволувала потребите на градот,
бидејќи располагала со многу малку добиток и коли.

9.2. Стопанскиот двор
на Градска чистота, МГС инв. бр. 2109
Во 1929 год. била
издадена наредба од Судот на Општината на град Скопје за градска
хигиена, според која сите граѓани, за изнесување на ѓубрето, требале
да набават лимени канти со капак.
Особено внимание се
обрнувало за хигиената на дуќаните каде што се продавале животни
продукти, во кафеаните, хотелите, ќебапчилниците и кај сопствениците
на кујни кои морале да имаат канти со капаци.
На улиците во градот се
фрлало ѓубре, помии, нечистотии, се сечеле дрва на тротоарите, се
изнесувале буриња и сандаци на улиците каде што се одвивал
сообраќајот. Затоа, како заштитна мерка се издавале наредби, а
непочитувањето се наплаќало со одредени парични казни.
Поради униформираност
на службениците во Чистачката колона, Санитетското одделение
објавило конкурс за шиење на униформи. Бројот на униформите што
требале да бидат сошиени изнесувал 123, а тие требало да
се состојат од шајкачи со метални монограми, блузи и панталони. Со
ваквата наредба разноликоста во облеката на службениците била
решена.
Поливањето во градот се
означувало со свирење со труба на општинската автомобилска прскалка. Општината на градот Скопје преземала низа мерки со кои се грижела за
хигиената во градот.
|