Одржување на
хигиената на домовите и облеката |
Во периодот помеѓу
двете светски војни постоела “домашна послуга” која ја сочинувале
млади домашни помошнички: прислуга, готвачи, негувателки за децата,
изнемоштени или болни луѓе и слично. Недостигот на таква послуга во
Скопје, главно го покривале Циганки кои не ги задоволувале основните
хигиенски услови. Како домашна послуга фамилиите вработувале и
девојки од северните краишта, од Дунавската, Војвоѓанската,
Славонската, Савската, Словенската и Дравската Бановина. Меѓутоа, и
овие помошнички не ги задоволувале барањата, бидејќи не ја познавале
домашната работа или пак воделе аморален начин на живот. Но, меѓу
домашната послуга имало и чесни девојки кои во Скопје доаѓале на
печалба. Послугата ја вршела целокупната работа во куќата, чистела,
готвела, ги чувала деца, ја перела облеката и слично.




9.3. Реклами за
разновидни средства за одржување на хигиена на алишта
Во 1929 година во
Скопје била основана Јавна берза на трудот којашто се појавила во
периодот на голема криза и невработеност. Брзата се грижела за
вработување на девојки кои се оспособувале за работа како “домашна
послуга”. Одржувањето на облеката најчесто се вршела на примитивен
начин. Најупотребувано средство за перење во посиромашните
домаќинства бил пепелот (цач), со кој алиштата се покиснувале цела
ноќ, се вриеле, а пепелот се ставал во сошиено торбиче во водата со
цел алиштата да бидат бели. Покрај пепелот, за перење се
користела и сода бикарбона. Прво алиштата се вареле во казан, а
потоа се плавеле во корито. Во сиромашните домаќинства хигиената на алиштата ја одржувале
домаќинките. Се перело во голем сад, “аранија”, со две рачки, а
алиштата се вриеле на оган во дворот. Секојдневната облека најчесто
се перела еднаш неделно, во понеделник, а другата текстилна
покуќнина, еднаш месечно. Во богатите куќи за оваа работа се
ангажирала жена која ја перела облеката. За перење се употребувале
хигиенски средства. За сé поголемата употреба на хигиенските средства укажуваат
податоците за потрошувачката според кои во перидот 1930-34 година
просечно биле трошени 36.439 кг секаков вид сапун во една година.
Просечната потрошувачка на сапун на едно лице изнесувало 5,5 кг, а
дневната 15 гр. Спротивно на разновидната употреба на сапунот во
домовите за одржување на хигиената на облеката и на домаќинствата,
потрошувачката на сапун за лична хигиена била многу мала.
Најголема употреба имал сапунот “албус”. Со развојот и напредокот на целокупниот начин на живот во
домаќинствата, сé повеќе свое место заземала и употребата на
прашокот што многу се рекламирал во скопските весници.
Големо внимание се
посветувало и на хигиената во домовите. Куќите специјално се чистеле
пред Велигден, кога се рибале подовите, со метличка се мачкале со
жива сода и жолта боја, а вратите и портите кои обично биле
двокрилни, се светнувале “како дукат”. Пред Велигден куќите се
варосувале со вар, а се постилале и килими.
Во многу градски богати
куќи имало послуга која се грижела за куќата. На пример, семејството
Бојаџиеви како своја послуга имале возач на автомобил, градинар,
гулабар, готвачка. Во семејството Чохаџиќ живеела девојка која ги
работела домашните работи и слуга кој се грижел за набавка, го ложел
парното и ги носел децата на училиште.
|