Хигиена во
продавниците за храна во градот |
Хигиена во
продавниците за храна во градот
Особено внимание се
обрнувало на хигиената во продавниците каде што се продавала храна,
особено поради ширењето на заразни болести.
Местоположбата на
градот и реката Вардар влијаела за присуство на комарци кои биле
чести преносители на заразни болести.
Сите сопственици на
дуќани каде што се продавала храна, своите отпадоци морале да ги
чуваат во затворени канти. Сите продукти, овошје и зеленчук, требале
да бидат означени дали се за готвење или јадење, а поради собирањето
мушички, тие морале да бидат покриени.
Многу деца помали од
14 години продавале храна на улиците што било забрането. Сите
продавачи во дуќаните или на улиците морале да бидат облечени во бел
мантил или да имаат бела престилка. Храната што ја продавале
уличните продавачи се чувала во затворени кутии со стаклени капаци,
со димензии 60х25 на 30х15цм, а печивата се чувале во кошница
покриена со бела крпа.
Виткањето на храната во
хартија или весници била забранета. Секој продавач со себе носел
легитимација со фотографија.
Ветеринарниот отсек во
градот вршел постојана контрола на просториите каде што се
произведувала и продавала храна. Според прописите издадени од
ветеринарната служба, месарските дуќани морале да бидат доволно
големи и опремени со сите направи за закачување на месото, сечење (дрво,
ножеви, вага) и секогаш требале да бидат чисти. Ѕидовите на дуќаните
морале да бидат бели, со висина од 1,60 м, премачкани со бела мрсна
боја. Предниот ѕид на дуќаните морал да биде со стакло, кое требало
постојано да се одржува чисто, а дуќанот да биде постојано снабден
со мраз и комори.
Ценовникот во дуќанот
морал да биде истакнат на видно место и на надворешната страна да
биде поставена фирмата. Вработените во дуќанот морале да бидат
секогаш чисти, избричени, со бела капа, бела престилка и бел платнен
мантил. За непочитување на овие наредби за работата на дуќаните,
сопствениците плаќале одредена парична казна. Хигиената во хотелите, кафеаните и други јавни објекти не била
задоволителна, поради нечистотијата на подовите, нечистите пепелници,
валканите бели чаршафи, нехигиената во кујните, клозетите. Ѕидовите
во овие локали морале да се варосуваат, а клозетите да се посипуваат
со кречно млеко. Хигиената во домовите зависела од сопствениците, но предната страна
на куќата морала да биде бело варосана, поради убавиот и чист изглед
на градот.
Хигиената на улиците
се одржувала секојдневно, а според нивната местоположба тие се
чистеле или секој ден или трипати неделно. Улиците се чистеле ноќе и
тоа од 1 мај до 1 ноември, од 21 до 5 ч, а од 1 ноември до 1 мај од
20 до 6 ч.
Ѓубрето од градот се
изнесувало ноќе, најдоцна до 7 ч наутро, на одредено место.
Навиката за одржување
на хигиената во градот и во домовите сé повеќе била прифаќана како
нормална појава.
|