Скопските
јавни бањи и амами |
Јавните бањи и амами во
Скопје ги граделе ориентални неимари. Нив најмногу ги употребувале
муслиманите и тоа со двојна намена: за одржување на хигиената и за
религиозни капења.
Сите амами, според надворешниот изглед, личеле еден на друг, но
според својата внатрешност, тие битно се разликувале. Некои од нив
личеле на старите римски бањи, други биле со модерен изглед, но
најчесто внатрешноста била ориентална. Најчести посетители на
ориенталните амами биле муслиманките кои во амамите ја одржувале
својата хигиена.
Во градот постоеле
четири амами кои не ги посетувале само муслиманите туку и голем дел
од христијанското население.
Овие четири амами имале 18 одделенија за капење со 43 мали корита од
кои се земала топла вода за поливање. Поливањето се вршело со
специјални посатки, наречени тасови. Освен корита, во амамите,
имало и 3 кади и два туша. Водата во амамите била носена или од
бунари (со помош на електромотор) или од обични јавни чешми. Во овие
бањи имало и 23 кревети за одмор, а имало и простории за потење.
Цената, во зависност од тоа дали бил користен кревет или не, била
различна. За жените цената била пониска во однос на мажите. Во
амамите дневно се капеле околу 140 луѓе. Хигиената во амамите била
на задоволително ниво.
Амамите биле
распоредени по маала. Стара нова бања се наоѓала во Крњево (на
местото на денешниот комплекс факултети), Нова бања била во Ново
маало (спроти “Гранд хотел”), Чаирска бања во Чаир на мостот пред
Јаја-паша и бањата Вардар кај Поштата.
Посетата на јавните
бањи претставувала ритуал, со посебни подготовки. Секој носел
пешкир, тас за посипување и храна, бидејќи во бањата се останувало
по неколку часа. Муслиманските жени во бањите ја одржувале целокупна
хигиена, ја фарбале косата со к'на, се депилирале со специјално
средство за депилација т.н.”сарик'на”и сл. По завршувањето на
капењето и парењето, се седело пред бањите, се пиело кафе, клакер и
газоза. Амбалажата на клакерот и газозата била интересна - мали
шишиња кои се отворале со буткање на топче кое служело како
затворач. Честопати во бањите, во зимскиот период, се правеле и
вистински гозби со разновидна храна.

8.1. Тас за посипување,
МГС инв. бр. 298
Бањите биле градени
квалитетно, со мермер на подовите, а на страничните ѕидови имало
курни од каде што течела топла вода која била затоплувана во големи
казани на дрва. Во средината на амамите имало мермерни т.н. “бини
“на кои седеле капачите и се пареле.
Во бањите имало
ангажирано и жени “телаљки” (“телак”) кои помагале при капењето и
триењето.
Во бањата кај Поштата,
капачите се триеле со бела рапава крпа “гебро”. Под секоја чешма имало курни, а во средината на бањите имало камен
“пралник” за потење. Посетители на бањите биле луѓе од чаршијата и тоа и муслиманско и
христијанско население.
Во Офицерскиот дом, во
1935 год. била изградена современа бања која заедно со Уредот за
осигурување располагала со 17 тушеви и 11 кади.
Во бањата на
Офицерскиот дом се капеле поимотните граѓани, а бањата на Уредот
била резервирана за работничката класа.
Бањи имало и во
училиштата со вкупно 45 тушеви и една када. Во Хигиенскиот завод
имал 10 туша, а во домот Крал Александар имало 12 туша за сиромашни
деца.
Според статистичките
податоци во периодот 1926-1935 година имало вкупно 180.657 капачи
кои се капеле во бањите на Заводот. Во текот на 1936 година во сите
установи во Скопје вкупно имало 245.991 капачи.
Војската, болницата и
сите санаториуми имале свои одделенија за капење. Неколку од
скопските хотели имале свои бањи со тушеви и кади.

8.2. Ибрик и леген за
миење на лице и раце, МГС инв. бр. 798 и 800
Со навлегувањето на
бањите во домовите, многу семејства почнале да ги напуштаат амамите.
Хигиената на децата се одржувале дома, во лимени корита. Водата сé
повеќе навлегувала во скопските куќи. Во куќата на Лела Божиновска
во Еврејско маало имало казанче за топлење вода за миење на садови
во кујната. Куќата на Рубен имала свој водовод, со резервоар за вода
кој бил сместен на мансардата. Во постарите куќи наследени од
Турците, како што била куќата на Незахат Бајрам и на Верка
Хаџиманова имале амамлак, со вградено казанче кое се греело на дрва
во “отвор” направен во ѕидот. Амамлакот бил поплочен со мермер, а
на специјален дел, наречен “секија”, се ставала затоплената вода.
|