Снабдување на
градот со вода од јавни чешми и бунари |
Освен со водоводната
мрежа, населението се снабдувало со вода и од 13 јавни чешми во
градот - 10 на левата страна и останатите три на десната страна на
реката Вардар. Водоводната мрежа се снабдувала со резервоари во
градот или преку пумпи кои црпеле вода од три бунари во кругот на
Калоричната електрична централа во непосредна близина на реката
Вардар.
Стариот дел на градот
се снабдувал со вода од примитивна гравитациона мрежа која црпела
вода од извори во Чаир. Оваа мрежа била изработена од земјани цевки
(ќунци) од печена глина кои биле плитко поставени и постоела
опасност за загадување со површинската вода.
Во 1926 год. била
формирана стручна комисија која проблемот со вода го решила со
снабдување на градот со вода од изворот Рашче, 17 км оддалечен од
Скопје (на излезот од клисурата Дервен, покрај реката Вардар).
Генералниот проект за
изградба на водоводот бил одобрен во 1931 год. од тогашното
Министерство за градежништво.
Новата водоводна мрежа
била готова во 1937 год., а во 1938 год. била проширена на некои
улици каде што била потребна здрава вода за пиење. Сопствениците на
имотите низ кои проаѓала водоводната мрежа се приклучувале на неа.
Во 1938 год. на
водоводната мрежа биле приклучени 495 приклучоци со водомери.
Претплатниците кои се
снабдувале од градскиот водовод се делеле на категории:
претплатници-сопственици на имоти и помали згради најмногу со 8
простории, над 12 простории, претплатници кои биле сопственици на
локали, дуќани, простории во кои не се живеело, јавни установи,
училишта, болници, санаториуми, бањи, претплатници кои употребувале
вода за градежни потреби и индустриска потрошувачка на вода.
Градското население се
приклучувало на водоводната мрежа, а особено побогатите фамилиите.
Останатото население во
градот користело вода од јавни или приватни бунари. Бунарите обично
биле градени од кршен камен и често се случувало бунарската вода да
се меша со површинската.
Вадењето на водата од
бунарите се вршело со кофи на чекрек. Бунарите обично се користеле
ортачки, т.е. еден бунар за повеќе фамилии.
Фамилијата на Деспот Стојковски, воен санитарен инспектор од
Воената болница, живеела во една мала куќа во Маџир маало, со
поплочен двор, бунар и камено корито. Бунарот бил направен од
дрвени штици во надземниот дел и од бетон во подземниот дел. Водата
се вадела со помош на чекрек, вратило, јаже и кофа.
Голем дел од
населението се снабдувало со вода од јавни чешми. Имало 110 чешми во
градот кои останале од турскиот период, од кои исправни биле само
Руфан, Лонџа, Адем баба и Кури чешма.
Во зависност од
јачината на водата, по улиците се спроведувал воден тек за 3 до 5
чешми. Чешмите најмногу биле градени во 16 век што се совпаѓа со
развојот и напредокот на Османлиската империја.
Најголем број од
чешмите биле градени со приватна иницијатива на одделни добротвори
кои “за спас на својата душа” граделе завештанија со верски,
хуманитарни и просветни цели.
Основачите на овие
објекти, вакуфувајќи, завештувајќи дел од својот имот, и понатаму се
грижеле за нивното редовно функционирање. Освен чешмите по куќите, ановите, амамите, медресите и текиите, во
Скопје имало и многу јавни чешми кои се наоѓале покрај џамиите, во
маалата и на главните раскрсници. За одржувањето на големиот број
чешми во Скопје, јавни или приватни, се грижеле специјално
ангажирани луѓе, чешмаџии. Тие воделе сметка за исправноста на
чешмите. Како последен чешмаџија во Скопје се споменува мајстор
Јован кој добро го познавал својот занает и бил многу популарен во
градот. Некои маала биле познати по чешмите кои се наоѓале во нив.
Многу од новоизградените куќи биле градени на современ начин, со
повисока хигиенска култура, а задолжителен дел на куќите била бањата.
Според податоците од Техничкото одделение, во периодот 1930-1933 год.
во градот биле изградени 459 нови куќи со 403 бањи и 527 клозети.
Според податоците, околу 1800-2000 лица, хигиената можеле да ја
одржуваат во свои бањи. Не ретко, бањите биле многу луксузно и модерно градени, особено во
богатите куќи. Водата во домовите била носена преку водоводната мрежа или од бунари
со помош на мотори и рачни пумпи. Во бањите топлата вода се добивала
со помош на бојлери кои се затоплувале на дрва, а истекувала преку
чешми или тушеви. Бањите биле поплочени со плочки. Во изградбата на
бањите се чувствувало влијание на западната и на источната култура.
|