|
Најголема градежна
активност била забележана во периодот 1924-1930 год. Особено била
активна приватната иницијатива и градежната активност на десната
страна на реката Вардар и новата населба Буњаковец. Во периодот
1923-1928 год. најмногу куќи се граделе во населбите Буњаковец,
Дебар маало, Долно Водно, Мала железничка колонија, Треска, Кисела
Вода и во овој период биле изградени вкупно 1580 згради. На десната
страна на реката Вардар, во периодот 1923-1928 год. биле изградени
410 згради, а на левата страна вкупно 220 згради. Градежната активност постојано се намалувала, за во 1930 год. да
биде минимална.
Решавањето на
станбеното прашање во 30-тите години во Скопје се решавало во
глобала, а скопските весници давале огласи и ценовници за градење на
нови куќи и станови. Така, во 1932 година, во скопскиот весник
“Вардар” било објавено дека цените на становите ќе бидат намалени
најмалку за 10%, во непосредна близина на центарот на градот 10-15%
и во самиот центар 30%. Во следниот период биле градени помалку приватни куќи, а повеќе
јавни објекти.
Градежната активност во
Чаршијата била слаба. Таа останала со приземни и еднокатни куќи од
слаб материјал, ќерпич и чатма, со големи дворови, чешми и јазови и
огради со високи ѕидови и тараби.
Со изработката на
дефинитивниот регулационен план на градот од страна на техничкото
одделение на градот во 1929 год., на чело со Јосиф Михаиловиќ,
почнала изградба на многу јавни објекти во градот.
Од сите комунални
проблеми во Скопје посебно внимание се обрнувало на уредувањето на
плоштадот Крал Петар.

6.1. Плоштадот Крал
Петар, 20-ти години на 20 век, МГС вл. бр. 2995
Офицерскиот дом бил
изграден во 1929 год. на местото на Бурмали џамија и претходно
црквата Света Недела. Камен-темелникот на Офицерскиот дом бил ставен
во 1925 год. , а зградата била осветена во 1929 год. Офицерскиот дом
бил изграден по проект на Вилијем Баумгарген (од руско потекло). Таа
била најимпозантна градба со многубројни сали, простории за забава и
разонода, раскошен инвентар и опрема, лустери со огромни димензии (подарок
од кралот Александар „ Караѓорѓевиќ) и саатен механизам на кулата од
сите четири страни, што можел да се види и да се чуе во целиот град.

6.2. Офицерскиот дом,
осветен во 1929 год., МГС инв. бр. 1905

6.2а. Офицерски дом и
Народна банка, МГС вл. бр. 11246

6.2б. Дел од плоштадот,
МГС вл. бр. 10436
Народната банка била
изградена во 1932 год. спроти Офицерскиот дом и заедно со околните
објекти, како кафеаните “Метропол” и “Маргер”, Ристиќевата палата,
Хотел-ресторанот “Гранд”, зградата на Мацура и други околни објекти,
го претставувале јадрото на градот. Во 1933 год. биле удрени
темелите на новиот Стопански дом. Во 1933 год. на Плоштадот имало
слободен градежен простор и стари објекти. Старата зграда на
основното училиште “Цар Душан” била урната и во 1933 год. била
изградена нова, тука бил сместен и Францускиот клуб, хотелот “Бели
орао” и приватен плац на Мих. Тодоровиќ. Во периодот 1923-1928 год. во градот биле изградени и повеќе хотели
(“Москва” 1923-25, “Српска краљица” 1928 год.)

6.3. Завод за
осигурување (денес Градска болница), Скопје 1936 год. МГС вл. бр.
7729

6.3а. Банска палата,
МГС вл. бр. 11031
Новата театарска зграда
била осветена во 1927 година.
Од 1929 до 1933 год.
биле изградени Хигиенскиот завод, Детскиот и туберкулозен павилјон
на Обласната болница, била реновирана зградата на Просветниот дом и
Универзитетот.
На улицата “Цар Никола”
имало многу убави куќи, особено Банската штампарија која била во
византиски стил со мермерни портали и тешко камено приземје и со
своја кула.
Особено интересен дел
на градот бил околу новоизградената Пошта. Поштата била пренесена
во новата зграда покрај Вардар, зад Офицерскиот дом, а во 1939 год.
била отворена и зграда за работничко преноќиште, со водоводна мрежа
која била готова во 1937-38 год. Во овој дел биле изградени убави
палати кои на градот му давале изглед на модерна градска архитектура.
Во непосредна близина
на градот биле изградени три модерни авионски хангари, на
југозападната страна на градот била подигната железничката колонија
со околу триесет куќи за живеење на железничкиот персонал. Биле
изградени основните училишта “Цар Душан” и “Ѓура Јакшиќ” , бил
уреден голем јавен парк, “Ислахане”, Зоолошка градина, два помали
парка и друго.
Од културните установи
биле изградени Соколски дом и зградата на Колото на српските сестри,
а од приватните индустриски претпријатија, биле изградени
автоматската мелница “Балкан” и Парната пивара.
Што се однесува до
приватното градење, напредокот на градот се огледувал во смелоста на
скопските чорбаџии, чиновници и работници да се задолжат во
Хипотекарна банка за градење на куќи за живеење. Во 1927 год. биле
подигнати 232 нови куќи од кои 109 со еден или повеќе катови. Во периодот од 1918 до 1935 год. во градот биле изградени 2000 нови
куќи, од кои најголем дел биле за живеење, потоа јавни објекти или
дуќани и помал дел индустриски претпријатија. Освен градењето со градежна дозвола, била распространета и појавата
на диви градби, со неиздадени дозволи, главно на периферијата на
градот.
Во градот било
формирано и Друштво за разубавување на градот кое се грижело за
естетскиот изглед на градот.
Со пробивањето на европската модерна архитектура, во Скопје биле
изградени многу објекти кои на градот му давале модерен изглед.
|