РЕГУЛАЦИОНЕН ПЛАН НА ГРАД СКОПЈЕ |
Градот
Скопје доживеал поконкретна и посовремена урбанизација по Првата
светска војна, кога започнал процес на поцелосен развој и нова
урбана форма со проширување на предградијата на градот и со
создавање услови за урбанизација.
Првиот регулационен
план на градот Скопје бил направен уште во 1914 год. од страна на
архитектот Димитрије Лека, а планот бил прифатен дури во 1920 год.
од страна на градежниот совет на градот.
Во 1925 год. поради
несогласување со општината за проширување на градскиот атар, овој
регулационен план бил одбиен. Во 1928 год. бил направен нов план
од страна на новата општинска управа. Овој план предвидувал решавање
на проблемот со сообраќајот и поврзување на периферијата на градот
со центарот, модерен урбанизам и поделба на градот на квартови
според нивната намена, разубавување на плоштадите и концентрација на
јавни објекти во нив. Според овој план се предвидувало и изградба на
трговски центри околу Камениот мост со згради од финансиски и
стопански карактер, градски центар околу новата Банска палата со
државни згради од административен карактер, административен центар
околу Општинскиот дом, плоштад околу Железничката станица и хотели,
интелектуални центри со зграда на Универзитетот, здравствен центар
со санитетско одделение, саем со павилјон за изложби, центар за
спорт, простор за одмор и забава и др.
Претседателот на
општината, архитектот Јосиф Михаиловиќ со шефовите на техничкото
одделение, инж. Велимир Ставриќ и архитектот Драгомир Петровиќ, во
1931 год. изготвил нов регулационен план. Новиот регулационен план
бил синтеза на двата претходни плана и со неговото прифаќање почнала
жива градежна активност и подигање на многу јавни објекти: Банска
палата,
Пошта и телеграф, Народна банка, Хипотекарна банка, Окружен уред за
осигурување на работници, а во план било и подигање на нова
железничка станица, што било остварено.
Левата страна на градот
во регулациониот план била опфатена само со пробивање на неколку
главни улици , а во споредните улици бил сочуван балканскиот
карактер на стари криви улици. Камениот мост со приодот бил
изработен во вид на аркади.

4.1. Генерален
регулационен план на град Скопје изработен во 1929 год., Архив на
град Скопје

4.2. Регулационен план
на град Скопје од 1932 год., Архив на Македонија, папка бр. 62
|