Денешната
населба Ѓорче Петров порано се нарекувала Генерал Ханрис, т.е. Ханриево, а пред тоа Жостов. Населбата се протегала помеѓу три
реки: Вардар, Треска и Лепенец. Железничка пруга теснолинејка го
спојувала Ханриево со Железничката станица.
Ханриево било
предградие кое интензивно се градело. Се граделе убави нови куќи.
Тие најчесто биле сопственост на железничарите, кои поради својата
служба ги добивале од Железницата. Во Ханриево главно живееле
службеници и трговци. Во предградието постоел развиен општествен
живот. Во Соколаната постоело друштво со 250 членови на чело со
Војислав Пајиќ, шеф на Ложилницата. Тука се наоѓало и седиштето на
спортскиот клуб “Хаск” и “Друштвото на Кнегиња Љубица” на чело со
Радмила Милинковиќ.
Во ова населба имало
многу кафеани. На помалку од илјада жители имало седум кафеани кои
секогаш биле полни со посетители, меѓу кои и патници кои го
очекувале “вовчето-пампурче”, службеници кои се враќале од пат, како
и тукашните жители кои биле чести посетители на кафеаните. Во
Ложилницата, станицата, секцијата за градење на Железницата и
Пиротехничкиот завод биле вработени голем број работници и
службеници.
Во Ханриево немало електрична и водоводна мрежа. Затоа, инженерот В.
Пајиќ се залагал општинската управа да го реши проблемот со
осветлување и водовод. Состојбата навистина била парадоксална: низ
Ханриево проаѓал електричен воз, а местото немало осветлување. Од
таму поминувале водоводните цевки за скопскиот водовод од селото
Рашче, а населбата немала ниту една чешма.
|